Албанската фудбалска федерација излезе со официјално соопштение за гестот на репрезентативецот Мирлинд Даку по натпреварот со Хрватска на Европското првенство во Германија, по кој напаѓачот го зеде мегафонот и ги поттикна навивачите на својот национален тим на трибините во Хамбург да скандираат пцуење на Македонците.
„Албанската фудбалска федерација го признава неодамнешниот инцидент со нашиот играч Мирлинд Даку, кој се случи по натпреварот на ЕП 2024 меѓу Албанија и Хрватска. Разбираме дека во жарот на спортските натпреварувања емоциите растат, постапките на Мирлинд беа несреќна реакција на една исклучително напната ситуација. Мирлинд Даку веќе изрази длабоко каење за своите постапки и упати јавно извинување. Тој ги разбира последиците од неговото однесување и ја презеде целосната одговорност. Овој инцидент не го одразува неговиот карактер или вредностите до кои ние како федерација се придржуваме“, стои во соопштението на Албанската фудбалска федерација.
УЕФА поведе истрага за постапката на Даку, а шпанскиот спортски весник „Ас“ објави дека играчот на руски Рубин од Казан ќе биде суспендиран неколку натпревари, што би значело дека ЕП за него е веќе завршено, освен ако Албанија ја победи Шпанија в понеделник и потоа стигне далеку на шампионатот.






