Колку треба да си недоделкан од нула до Мирлинд Даку за да го направиш тоа што го стори фудбалскиот репрезентативец на Албанија? Да грабнеш мегафон и, со ништо непредизвикан, да ги поттикнеш своите навивачи на стадионот во Хамбург да ги пцујат – Македонците?! А тие не ни играат на Европското првенство во Германија…
Наместо да слави историски бод на европските првенства, и тоа против велесила како Хрватска, новопечениот албански „национал“ што до лани настапуваше за Косово си дозволи тешко да навреди цел еден народ. Ризикувајќи казна од УЕФА, која покрена истрага по реакцијата од Фудбалската федерација на Македонија, па остатокот од ЕП можеби ќе го гледа на телевизија во родното Гнилане. Плус можно прогласување за непожелна личност во Македонија, со што би му бил забранет влез во државава, како што бараат илјадници македонски корисници на социјалните мрежи.
Добро, зошто Мирлинд? Што му згрешија Македонија и Македонците? Што лошо виде од нив? Ова ли е неговото „фалеминдерит“ за згрижувањето над 300 илјади негови сонародници и сограѓани среде војната во 1999 година? Вака ли се реваншира за учеството на Албанците во македонската власт од осамостојувањето на Македонија до денес, во која многумина од нив извршуваат (нај)високи државни функции? „Чифшање“ на Македонците ли е неговото благодарам за рамноправноста на албанскиот јазик со македонскиот на целата територија на Македонија? Или за натправичната застапеност на Албанците во многу македонски институции? Конечно, вака ли се заблагодарува за признавањето на Косово од Македонија и за нејзината поддршка за неговото зачленување во меѓународните организации, со што ѝ се замери на Србија, која ѝ ја призна црквата и ѝ помогна со вакцини за коронавирус, со брашно, масло за јадење, струја итн.?
Џабе фудбалерот на руски Рубин Казан побрза да го лиже тоа што го исплука со невештиот обид на полуписмен англиски јазик да се извинува за колосалната непромисленост. Штетата е направена, вселенската глупост дополнително го продлабочи јазот меѓу македонскиот народ и најголемото малцинство во Македонија. Свесно или не, Даку му зададе уште еден удар на соживотот во македонската држава, трпеливо граден со многу откажувања од Македонците по војната од 2001 година увезена токму од неговото Косово.
Напаѓачот на Албанија, сепак, нема да успее во една работа. Неговиот примитивен гест нема да го избрише статусот на легенда на македонскиот фудбал на Артим Шакири, чиј гол од корнер против Англија во Саутемптон никогаш нема да избледи од сеќавањата на фановите на „црвено-жолтите“. Тие нема да престанат да го ценат придонесот на Аријан Адеми за македонскиот национален тим, уште помалку, пак, ќе ги одврати од поддршката за повремениот капитен Барди, за Муслиу, за Алими. Од проста причина што „гинат“ под знамето на Македонија и на нејзините навивачи им приредиле многу радости досега.
Сакајќи да испадне „фраер“, Даку излезе обичен провокатор, некој кој не заслужува да игра на ЕП, со оглед на тоа дека не го разбрал значењето на зборот „респект“ што го носат фудбалерите на ракавите од своите дресови.






