Македонија во моментов не е спремна да се справи со гаснењето на шумските пожари. Имаме три ер трактори, но само еден пилот. Ако избие пожар во шума, не може да се надеваме ниту на пожарникарите од ЈП Национални шуми, кои први треба да интервенираат на терен, оти претпријатието немало пари за гориво. Па така, пожарите од воздух ќе се гаснат само со трите хеликоптери на полицијата, и во нужни ситуации може да се користи и оној на одбраната.
Директорот на ЦУК се надева дека новата Влада, ќе излезе во пресрет, па ќе донесе одлука за хонорарен ангажман на двајцата пензионирани пилоти на ер тракторите. Ангелов очекува и на првата седница да се одблокира сметката и на претријатието Национални шуми. Пожарите не не штедеа уште од почетокот на годината.
До овој момент, не се функционални ‘ер тракторите’ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), бидејќи двајца пилоти се во пензија, а Дирекцијата не смее да лета со еден пилот. И покрај напорите на директорот, овој проблем веќе 2-3 месеци не е надминат, Владата во заминување на ниту една седница не даде дозвола овие двајца пензионирани пилоти да бидат ангажирани со договор на дело. Верувам дека новата Влада на една од првите седници ќе најде решение за овој проблем“,- Стојанче Ангелов- директор на ЦУК.
Пожарите кои, според претпоставките на ЦУК И ДЗС нема да не одминат и ова лето, ќе се гаснат со четири хеликоптери. Ангелов ги повика градоначалниците да не бараат Ер трактори, и објасни дека во ЦУК се дава приоритет на големите пожари. Од досегашното искуство најголеми предизвикувачи на пожари се земјоделците кои палат стрништа, рече директорот на ЦУК и ги повика властите да не избрзуваат со одлуката за забрана за движење во шума, бидејќи смета дека планинарите не предизвикуваат пожари.
Во земјава има 938 пожарникари, а недостасуваат уште 670. Просечната возраст на пожарникарите е 42,5 години.Најалармантна според Ангелов, е состојбата во Скопската противпожарна бригада, каде што треба да се вработат стотици пожарникари.






