Лидерот на либанската милитантна група Хезболах вчера се закани дека ќе го нападне европскиот остров Кипар доколку избие војна меѓу Израел и Либан, пишува Си-Ен-Ен.



„Кипар, исто така, ќе биде дел од оваа војна ако ги отвори своите аеродроми и бази за израелските сили“, рече Хасан Насрала во телевизиско обраќање само еден ден откако Израел го предупреди Хезболах, група поддржана од Иран, дека војната е неизбежна.

Ова е првпат Хезболах да му се заканува на Кипар, кој е во ЕУ и се наоѓа во Средоземното Море, на околу 200 километри од Либан.

Кипар одржува заеднички воени вежби со Израел од 2014 година.

Заканата на Насрала дојде како дел од одговорот на предупредувањето на Израел. Тој рече дека Хезболах „ќе ги потресе столбовите на Израел доколку на Либан му се наметне војна“.

Како одговор на заканата на Насрала, кипарскиот претседател Никос Христодулидес рече дека островот „во никој случај не бил вклучен во воени конфликти“.

„Република Кипар не е дел од проблемот. Република Кипар е дел од решението. И нашата улога во ова, како што е прикажано, на пример, преку хуманитарниот коридор, не е препознаена само од арапскиот свет, туку и од меѓународната заедница во целина“, рече Христодулидес.