Наместо да се намалат, тие поскапуваат. Скопјани остро реагираат откако добиле повисоки суми во решенијата за данок на имот за 2023 година или пак добиле решенија на име на починат родител. Неколкумина споделија дека се изненадени бидејќи во решението било наведено дека треба да платат двојно повеќе во споредба со минатите години. Други се жалат дека покрај тоа што добиле решение на нивно име, им стасало решение и на име на некој од нивните починати родители, чија оставинска постапка одамна била завршена. Имало и случаи решенија да стасаат и на име на луѓе кои се починати пред повеќе од 20 години, објави ПлусИнфо. Граѓаните се во недоумица дали има зголемување на данокот или станува збор за грешка при пресметувањето на даночните власти во Градот.
Еден од многуте мина е скопјанецот Игор М. Тој вели дека во решението за данок на имот за 2023 година му стои дека треба да плати 5.865 денари, иако во претходните години плаќал по 5.701 денар, а притоа немало никакви промени во недвижниот имот.

– Навистина се изненадив кога пред неколку дена пристигна решението за наплата на данок за имот. Прво си помислив да не станува збор за некој заостанат долг, но знам дека досега сите сметки кон Градот ги имам платено. Имам куќа на два ката. На едниот живеам јас со сопругата, а на другиот синот со неговата сопруга. До лани за двата ката на исто решение плаќавме по 5.701 денар. Оваа година, не знам како, без никаква најава ни пристигнаа две посебни решенија и јас и синот треба да платиме по 5.865 денари, што е двојно повеќе од претходната година. Доколку ова е точно, тогаш станува збор за двојно посакување на таксата, а за што претходно од никого не добивме известување – вели револтираниот Игор.
Скопјанецот Бранко бил изненаден дека од Град Скопје му биле испратени две решенија за данок на имот за станот во кој живее. Едното на негово име, а другото на неговиот починат родител.
– Станот го добив со наследно решение од мојот починат татко. Сите давачки беа исплатени и промената беше заведена во Град Скопје. Од смртта на татко ми поминаа 7 години. Од кога е направена промената решенијата пристигнуваа на мое име. Сега пристигна решение и на име на мојот починат татко – вели Бранко.

Бурна реакција имаше и познатиот спортски новинар Игор Филевски – Филе на социјалната мрежа Фејсбук, откако му пристигнало писмо адресирано до неговиот починат татко пред 25 години за да плати данок на имот. Филе се обрати до скопската градоначалничка Данела Арсовска, која ги потпишува решенијата за наплата на данок.
- „Татко ми е починат пред 25 години! Оттогаш, станот за кој му пристигнало писмо од Град Скопје, трипати го менува сопствеништвото, меѓу кои е и оставинската постапка која е завршена, судски заведена и катастарски регулирана уште пред 24 години. И сè е исплатено и администрирано по сите протоколи, уште тогаш, пред 24 години. И сè до вчера, мојот починат татко немал ниту проблем, ниту пак му стигало некакво писмо. Но, ете, за сè има првпат. Вчера му стигнало писмо од Град Скопје, за да плати данок на имот за станот за минатата година!? Потпишано од градоначалничката“, напиша Филе.
Тој ја прашува Арсовска дали знае воопшто што потпишува и дали воопшто знае што работи нејзината администрација. Повеќе може да прочитате на ПлусИнфо.мк.





