Несудениот муртински нобеловец, бегалецот со хеликоптер за да не го запалат жив во Струга и министерот за смрт број 2 се собрале да ја бранат „Северна“ на собиранка кај јужниот сосед. Па, се расприкажале за благодатите (?) од потпишаното во Нивици од оној чиј татко му посака да му се исуши раката на тој што ќе ѝ го смени името на македонската држава, веројатно ни на сон не помислувајќи дека тоа ќе биде неговиот роден син лично!
Отсуството на барем еден, макар и третокласен претставник на Владата во заминување или на таа што в недела ќе ја наследи, доволно зборува за тоа колку било конјуктурно минатите два дена да се биде во Атина и да се глуми некакво си визионерство. Вардар не ги пере тие што, сепак, отидоа и тоа совршено им е јасно, ама кога си се фатил на орото, па уште ти дале позлатено шамивче…
Инфантилното прифаќање на сугестијата од модераторката на форумот за „македонското небо“ дека всушност било небо на „Северна Македонија“ апла доволно го отсликува капацитетот на црпнатиот од нивата да го претставува народот на кој му го смени личниот опис без око да му трепне. Заедничката колумна, пак, со другар му од „првата страна“ само му го комплетира профилот како плукнат на андартскиот капетан Коте од костурско Руља.
Кога на овој ќе му ги додадеш проблесоците на тој што беше ставен да биде јастреб, наместо како врапче да повикува „да му дадеме уште една шанса на мирот“ по секој масакр врз бранителите пред 23 години, плус првиот еким со неславен рекорд на починати од корона во светски рамки, станува појасно каков габарит си зел право да изигрува застапник на Македонците. Наспроти нивната јасно изразена волја на 30 септември 2018 година со масовниот бојкот на пропаднатиот референдум.
Ако толку голем успех биле менувањето на името на државата и интервенциите врз идентитетот на нејзиниот мнозински народ, зошто „договорот“ од Преспа не се слави и одбележува како, на пример, Охридскиот? Зошто, всушност, секој што претендира на довербата на Македонците бега од него како ѓавол од крст?
Затоа што токму „игранката“ на брегот на Преспанското Езеро за огромен дел од нив е синоним за најсрамната епизода од поновата историја на македонскиот народ. И вовед во кршењето на сите (не)можни уставни и законски одредби при насилното „легализирање“ преку Собранието на еклатантното дезавуирање на две третини македонски избирачи што не го прифатија обезличувањето. И тоа кога, демек демократски, ги прашаа, за веднаш потоа да не ги послушаат и да прибегнат кон „балкански методи“, како што ги поучи Хан.
Во сета мизерија на неславната годишнина од игнорирањето без преседан на определбата на цел еден народ најгротескно звучат критичарите на тие што се спротивставуваат на користењето на натуреното име на нивната држава. Наместо да се сокријат во глувчешка дупка и да траат до крајот на светот и векот, со надеж дека нема да одговараат за велепредавство, архитектите и (под)изведувачите на обесчестувањето уште се разгракале и педантно бележат ако некој случајно не каже „Северна“?!
Преспанскиот договор е жива рана врз македонското национално ткиво, непребол довека за сите на кои Македонија им значи нешто. Силувањето на нивното суверено право да изберат кои се и што се, едноставно, не може да го разубават никакви празни флоскули за божемната светла иднина.
Државата има механизми за присилна примена на „договореното“ во Нивици и веќе го стори тоа преку севернизирањето на имињата на своите институции, на пасошите, личните карти, парите итн., но не може да ги натера луѓето сето тоа да го сакаат и да го прифатат како нешто нормално. Мртвороденчето „Северна“ никогаш нема да им прирасне на срцето, најмалку на самосвесните и на тие со минимум достоинство. Насадената додавка ја загуби битката со Македонија и со Македонците, практично, уште пред таа да почне и тоа е неповратен процес.
Тој што не го гледа и разбира тоа не проникнал во духот на овој народ, кој (може да) истрпи сè, само неправда и предавство не. Кој не верува, нека ја праша како си помина на неодамнешните избори партијата за која нејзиниот бивш лидер, кој ја нудеше ќерка си за грчки остров, во напад на искреност ќе рече дека не ѝ личел патриотизмот. Додека го подготвуваа да го направи непростливото.






