„Деновиве читам некакви анализи за пропаста на СДС на претходните избори. Практично за нивното целосно тонење. Анализите доаѓаат најчесто од новите претенденти на челната позиција на партијата. Сосема се погрешни некои дијагнози, што самите тие си ги поставуваат се сосема погрешни, и најверојатно јавноста нема да ги дознае. Јас би им дозволила да се лекуваат, само не на Бихаќка.“ – вели проф.д-р Солза Грчева, претседателка на вонпарламентарната партија „Глас за Македонија“, во својата колумна со наслов „Со погрешни дијагнози до погрешни лекови“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Во колумната натаму Грчева пишува: Во СДС се констатира дека немале доволна комуникација со членството и симпатизерите, не гледајќи дека немаат ниту доволно членство, а камоли симпатизери. Велат дека немале добра медиумска покриеност, немале добра кампања, а идеологијата им била добра и немало да ја менуваат.
Ниту збор не кажуваат за погубните договори што ги потпишаа како да се под опојни дроги, од кои сега Македонија и Македонците дословно се дават повторно да докажуваат дека се тоа што се. Не се зборува за корупцијата од епски размери. Нема ниту еден збор за немоќта да се доврши еден пат, а државата ѝ ја предадоа на ДУИ. Не зборуваат за тоа дека дури и „нивните“ не можеа да ги сварат сите генијални распродажби на големо и мало. Вака погрешно поставените дијагнози, ќе ги остават долго надвор од политиката, за среќа на најголемиот број на населението
Тие ќе се лекуваат од непостојни болести, кои никого не го интересираат. Ниту нивното членство, а симпатизери немаат. Да не зборувам за тоа кој ќе ги лекува. Истите тие што сите нас нѐ разболеа? Нас, врз кои, додека не бркаа, фрлаа со солзавец и пукаа со гумени куршуми? Јас би им дозволила да се лекуваат, само не на Бихаќка. Си даваат погрешни дијагнози и имаат намера да се лекуваат со погрешни лекови.





