Стефановски во Германија до својата прва победа со „ферари“

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски чекаше и дочека во петтата трка од годинашниот Европски ридско-брзински шампионат на ФИА да ја прослави својата прва победа со „ферари 488 челинџ ево“ во групата 1, зцврстувајќи се на врвот на табелата во оваа конкуренција на средина од сезоната.



„Ова е тоа, ова го чекав“, порача популарниот Иџе откако оствари вкупно време од 4:40,748 минути во двете возења на „Гласбахренен“ во Бад Либенштајн, оставајќи го далеку зад себе својот најблизок ривал и во вкупниот поредок, Хрватот Домагој Перековиќ, кој со „мицубиши лансер ево 9“ забележа резултат 4:47,943 мин.

Третото место во групата 1 му припадна на Симон Пјекош од Полска со „мицубиши лансер ево“ со 4:48,958 мин.

Во апсолутна конкуренција, пак, Стефановски заврши 19. меѓу 128 возачи, а триумфира Гофри Шац од Франција со неговото возило „Нова Прото НП01“ со 3:52,825 минути.

Следната трка е „Трофео Валекамоника“ во Италија на 14 јули.