Претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши, се сретна со заменик-министерката за надворешни работи на Грција Aлександра Пападополу, со која размениле мислења за јакнење на соработката и дијалогот меѓу двете земји на сите полиња, како и за понатамошниот процес на пристапување на земјава во Европската Унија.
Гаши се заблагодари за поддршката од Грција за процесот на евроинтеграција на земјава, по зачленувањето во НАТО, што е резултат, како што рече, на постигнувањето на Преспанскиот договор, се вели во соопштението од македонското Спбрание.
Заменик-министерката на грчкото МНР му го честитала на претседателот Гаши изборот на функцијата, при што порачала дека С. Македонија има искрен пријател во Грција.
„Тоа, е пораката што ви ја носам од целото лидерство на Грција – дека ние сме пријатели, соседи, сојузници, партнери во НАТО, а еден ден ќе бидеме и партнери и во ЕУ“, рече Пападопулу,.
„Претседателот Гаши заклучи дека двете земји се на мошне добар пат во унапредувањето на билатералните односи, со оглед на интензивната соработка и комуникација меѓу граѓаните, во делот на економијата и туризмот,со потенцијали за интензивирање во патната инфраструктура, енергетиката, образованието, културата и во сите други области од заеднички интерес“, се вели во соопштението.
Соговорниците се осврнале и на соработката на ниво на парламенти, при што претседателот Гаши покажал интерес за организирање официјални посети и истовремено ја информирал Пападопулу дека во македонското Собрание во секој нов мандат се формираат пратенички групи за соработка меѓу двете земји.





