„Боже, колку пизма за изговореното име Македонија од страна на претседателот на државата! Ерес било да се изговори името на твојата држава. Македонија е во длабоко ментално ропство на свеста. Свеста на една цела булумента политичари и новинари во државава ќе биде свест на роб. Менталитетот на робот го условува човекот да ги прифати штетните околности за себе како природен поредок на нештата. Тие ја гледаат сопствената вредност преку очите на својот господар, кој го потврдува нивното постоење и дава легитимитет на нивните постапки.“ – вели универзитетскиот професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Менталните робови ја убиваат иднината на Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму, покрај другото Јанкуловски пишува: Кога Мојсеј е испратен да го ослободи својот народ, тој мора прво да ја разбуди нивната свест за слободата, да ги убеди дека нивната ситуација не е природна и дека некогаш нивните предци биле слободни луѓе. Има ситуации кога бараме божествена интервенција за да нè размрда и да ги разбудиме со неа својата гордост, страст и патриотизам. Кај нас нема да ја најдете. Ние самите мораме да го ослободиме нашиот ум, да ја ослободиме душата на Македонецот.
Нивната свест и нивното поимање за името на државата секогаш ќе бидат управувани од господарот, а тие, нивни ментални робови, ќе бидат алатките за притисок, што се активираат по потреба. Чуварите на променетото име како ментални робови во државата засекогаш ќе останат заковани во умот дека некој друг треба да решава за нас и нашето постоење како Македонци. За нив името никогаш не било меморискиот код на народот, на кој припаѓаат, генерациски пренесуван и вграден длабоко во свеста на секој Македонец, за да не исчезне. За нив нашата древна надеж да бидеме слободен народ во земјата на нашите предци е празна приказна и затоа толку посветено го бранат погледот на нивниот ментален господар.
Просто е понижувачка жестоката одбрана на променетото име на државава и осудата за секој, што ќе го изговори она што те определува идентитетски како Македонец, особено кога доаѓа од „твоите“. Нам не ни требаат непријатели однадвор, ние си ги имаме своите „ментални робови“, кои самостојно го прифатиле ропството како судбина во животот. Соочени со предизвикот на самостојна држава, нивната прва реакција беше да се вратат во сигурноста на господарот, останувајќи засекогаш приврзани за нивниот угнетувач, без чувство на личен и колективен идентитет. Затоа со таков жар и посветеност го бранат променетото име на државата и го анатемисуваат секој оној што ќе го изговори името Македонија.
Сега гледаме дека никако не смееме да го потцениме влијанието на менталното ропство во Македонија. Особено кога непријателот на нашите души предолго ни кажува дека сме безвредни и непожелни. Менталните зомби се обидуваат да ги рашират „менталитетот на робовите“ и репрограмирањето на нашите умови, Но, безуспешно. Затоа мораме одново и одново да продолжуваме да ја обновуваме древната приказна за Македонија.
Ние, во наше време, имавме привилегија да напишеме ново поглавје: формирање на државата Македонија. Важно е да ја раскажеме оваа голема приказна за Македонија, за да не нѐ збунат менталните робови на патот, за да да се потсетиме од каде појдовме и каде сме. Мораме да го ослободиме нашиот ум, да ја ослободиме душата на Македонецот. Овој менталитет на робови ги убива нашите шанси за успех како народ и држава. Затоа мора да се ослободиме од тој самоуништувачки менталитет, што го посакуваат други.





