Гирото во Грција остана 5 евра, ама лежалките ќе ви се „залепат за грб“ – дури 40 евра по човек

Секоја година, на море, ново изнендување. Цените во Грција се повисоки од лани, но варираат од место до место, обично цените на островите се повисоки од оние на краците или на олимписката ривиера. Македонските туристи што веќе беа во претсезона на одмор во Грција, велат дека цените, генерално, се повисоки, но дека не се драстично повисоки од лани.



Цената на гирото речиси секаде е иста, околу 4,5 евра, односно 9 евра за порција, а пивото е од 5 евра, па нагоре. Цената на лежалките варира, па се движи меѓу 40 евра за човек ако сакате да сте во прв ред, до бесплатна лежалка ако порачате пијалак.

Секоја година, како што објави Вечер, илјадници македонски туристи одат на летување во Грција. При изборот на дестинацијата, освен тоа каква е плажата, големо влијание имаат и цените на храната, пијалаците, но и на лежалките. На некои места, две лежалки со пијалак се 30 евра во првиот ред, а во задните редови се бесплатни – се плаќа само пијалакот – кафе, сок, алкохол. Цените на кафето, пивото и сокот на плажа се меѓу 4 и 5 евра, а лежалките се бесплатни ако нарачате пијалак. Во некои барови на плажа, пијалаците се по 5 евра, и со тоа добивате две лежалки и чадор.

  • Во Лептокарија има голема навалица од туристи на плажата. Пред да дојдеме во Лептокарија, поминавме и во Паралија и Олимпик Бич, и таму имаше многу туристи. Со други зборови, грчките летувалишта уште сега се преполни и покрај тоа што сè уште не е сезона. Цените, во однос на лани, не се многу повисоки – вели Валентина, за Вечер, која штотуку се врати од летување во Грција.

Ова го потврдува фактот дека цените на храната, продуктите и на различните производи и услуги во Грција се различни во различни туристички места. На некои места, цените на лежалките во баровите се 20 евра комплет. Со оглед на тоа дека повеќето летуваат и до десет дена, ако секој ден изнајмуваат комплет само за тоа задоволство, ќе треба да издвојат 200 евра.

Новина оваа сезона е што половина од секоја плажа мора да биде без лежалки и мебел за да биде достапна за секого и за да може да се остане на плажа без никакви трошоци.