Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ги вклучи израелската војска и Хамас на годишната црна листа на сторители кои им наштетуваат на децата, објави „Гласот на Америка



„Згрозен сум од драматичното зголемување и невидениот обем и интензитет на тешките прекршувања врз децата во појасот Газа, Израел и окупираниот Западен Брег, вклучително и источен Ерусалим“, рече Гутереш во извештајот, кој беше испратен до членките на Советот за безбедност на ОН, но сè уште не е објавен.

Годишниот извештај за деца и вооружени конфликти ги наведува имињата и ги срами оние кои регрутираат, убиваат, осакатуваат или киднапираат деца, вршат сексуално насилство врз нив, им одбиваат хуманитарна помош или напаѓаат училишта и болници.

Специјалниот претставник на Гутереш Вирџинија Гамба има мандат од Советот за безбедност да работи на спречување и ставање крај на овие прекршувања.

Во извештајот до кој дојде Гласот на Америка, Обединетите нации соопштија дека потврдиле 8.009 тешки прекршувања на израелски и палестински деца, но процесот е тековен и бавен поради конфликтот.

Од нив, 113 биле против израелските деца, а останатите биле против палестинските деца во Израел и на палестинските територии.