Инфлацијата зауздана, можен ли е пад на каматните стапки?!

Кредитите растат и покрај зголемените каматни стапки, но Народната банка наскоро може да ги намали следејќи го намалувањето на каматите во еврозоната за прв пат во пет години. Како што објави РСЕ, потегот е можен и поради поволните инфлациски движења, а економски експерти предвидуваат дека е можно кон крајот на годината. Во следниот период можно е намалување на основните каматни стапки во Македонија, откако Европската централна банка ги намали каматите во еврозоната за прв пат во пет години.



Откако на 6 јуни основните каматните стапки во еврозоната беа намалени за 0,25 процентни поени, од Народната банка на Северна Македонија велат дека и во државава постои простор за промена на монетарната политика, особено во услови на поволни трендови кај инфлацијата и движењата на девизниот пазар.

  • Намалување на каматните стапки на ЕЦБ и следствено и на еуриборот, од една страна ќе создаде можност за намалување на нашата основна каматна стапка, доколку и остварувањата кај клучните фактори останат поволни, што индиректно ќе влијае за порелаксирани финансиски услови“, велат од Народната банка на Македонија за Радио Слободна Европа.

ЕЦБ ја намали основната каматна стапка на 3,75 процентни поени, што е пад од рекордните 4 отсто којшто достигнаа во септември 2023 година. Зголемувањата на каматните стапки започнаа некаде од средината на 2022 година кога земјите од еврозоната беа под силен инфлациски удар првично од ковид пандемијата, а потоа и од енергетската криза по руската инвазија врз Украина.

За да се заузда инфлацијата, каматите постепено растеа и во Северна Македонија, од 1,25 проценти поени во март 2022 година до 5,51 отсто колку што е сега просечната каматна стапка на вкупните кредити. Во моментов просечната камата за новоодобрените кредити за фирмите е 5,57 отсто, додека за домаќинствата 5,33 проценти или во просек е 5,47 процентни пени, според податоците од април годинава којшто бележат зголемување за 0,03 процентни поени на годишно ниво. Повеќе на РСЕ.мк.