Името се решава, Ќосето падна, дипломатите без плата

Македонската дипломатија веќе две недели е без плата а македонските дипломатски претставништва не можат да си ги платат сметките.



Извори во македонската дипломатска заедница не ги знаат причините зошто за прв пат по 2001 година доцнат платите на дипломатите во странство.

Доцнењето засега е петнаесетина дена затоа што досега амбасадорите, конзуларните работници и другиот дипломатски персонал платите од страна на Министерството за надворешни работи ги добивале околу десетти секој месец.

Пари нема и за покривање на основните трошоци во амбасадите и конзулатите кои ако доцнењето продолжи ќе мора да бидат платени со камати.

За дел од дипломатите кои инсистираат на анономност поради страв од реваншизам е несфатливо што во Скопје се планираат и спроведуваат скапи нерентабилни проекти како демонтирање на споменици, имиња на аеродроми и менување на патни табли а нема плата за луѓето кои што ја претставуваат земјава во светот во важни времиња за Македонија кога се одлучува за спорот со Грција и влезот во ЕУ и НАТО.