„И покрај номиналната поддршка на проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан, Бугарија веќе ја злоупотреби својата позиција како играч со вето за остварување на сопствените национални интереси, дури и кога тоа одеше на штета на пошироките интереси на Унијата. Овој принцип е применет најдиректно во сегашното блокирање на пристапувањето на * Македонија. Не би бил изненаден, ако биде запрен напредокот и на Србија кон ЕУ со бугарското вето во одреден момент.“ – смета Сава Митровиќ, истражувач во Центарот за европски политики во Белград, во Србија. Овој став на Митровиќ е изнесен во анализата со наслов „Бугарска диверзија против Србија – Румен Радев, со ништо предизвикан, му се заканува на Белград, споменува и ВЕТО на влегувањето на Србија во ЕУ“, која ја објави информативниот портал „Блиц“ од Белград.
„Блиц“ пишува: Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека неговата земја можеби ќе ја преиспита поддршката за Србија на нејзиниот пат кон Европската унија, поради, како што рече, како го третира Белград бугарското малцинство во земјата. Со оглед дека Софија има историја на блокирање на влезот на нови членки во ЕУ, прашање е: колку е моќен овој кренат прст на Радев и Бугарија? Како може да изгледа тоа? Аналитичарите се поделени: едни сметаат дека заканата е реторичка, само на збор, додека за други не е исклучено оти тоа може да се случи еден ден.
Во објаснувањето на својот став Радев не само што се закани, туку и уточни кои услови ќе ги разгледува при донесување одлука. „Главниот критериум, според кој ќе судиме и ќе го поддржуваме напредокот на земјите од Западниот Балкан, е токму положбата на нашите сонародници во секоја земја: условите за економски и социјален развој и, пред се, нивната способност да ги бранат својот национален идентитет, јазик, култура и историско паметење.“ – објасни Радев.
Кога беше пред три години во Србија Радев кажа дека е „направено многу за бугарското национално малцинство во Србија“. Што се промени и тоа токму сега? Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ ја поврзува оваа изјава со последните настани во Генералното собрание на Обединетите нации во врска со Резолуцијата за Сребреница. „Ова е одговор на критиките на Белград во врска со гласањето на Софија во Генералното собрание на ОН. Историјата се повторува: секогаш постои членка на ЕУ, што може да уценува.“ – забележува Јакшиќ.
Заканата дојде ненајавено, но не треба да се запоставува со оглед на тоа што Бугарија пред три години стави вето на пристапувањето на * Македонија во ЕУ, обвинувајќи ја Владата во Скопје за говор на омраза кон Бугарите. На ова потсетува Сава Митровиќ, истражувач во Центарот за европски политики, кој престојуваше службено неодамна во Бугарија.
„Не би бил изненаден, ако се повтори историјата“
„Не треба да се губи од вид дека Бугарија, и покрај номиналната поддршка на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, веќе се обиде да ја искористи својата позиција како играч на вето за остварување на сопствените национални интереси, дури и кога тоа одеше на штета на пошироките интереси на Унијата. Овој принцип е применет најдиректно во сегашното блокирање на пристапувањето на * Македонија. Не би бил изненаден, ако биде запрен напредокот и на Србија кон ЕУ со бугарското вето во одреден момент.“ – смета Митровиќ.
Тој потсетува дека и Романија, историски многу пријателски поставена кон Србија, во 2012 година накратко го блокираше доделувањето на статусот на Србија како кандидатка за интегрирање во ЕУ, поради поинаквиот поглед на прашањето на влашкото малцинство во Србија.
„Не би ме чудело, ако ѝ направи Бугарија на Србија нешто слично, повикувајќи се на принципите за заштита на човековите и малцинските права на Бугарите во Србија. Наше е да ја подобриме положбата на сите наши сограѓани, без разлика на нивната национална, етничка или верска припадност, да покажеме дека ваквите еднострани потези немаат легитимитет и оти затоа претставуваат злоупотреба на едногласната процедура на одлучување.“ – забележува Митровиќ.
Што велат Бугарите кои живеат во Србија? Според последниот попис, во Србија живеат 12.918 граѓани, кои се изјаснуваат како Бугари. Стефан Стојков, претседател на Националниот совет на бугарското национално малцинство во Србија, еден ден по изјавата на Радев нагласи декаа бугарското национално малцинство не е дискриминирано во Србија.
„Навистина, не знам во кој контекст го кажа тоа претседателот Радев. Како претседател на Националниот совет на бугарското национално малцинство во Србија задоволен сум од односот на Република Србија кон нашето малцинство.“ – посочи Стојков.
Според Сава Митровиќ, изјавата на Радев не придонесува кон добрососедските односи. „Креирањето и спроведувањето на надворешната политика е одговорност на бугарската влада, чиј официјален став е дека Бугарија недвосмислено го поддржува европскиот пат на Западниот Балкан. Тој став не е променет до денес. Затоа, би очекувал бугарското Министерство за надворешни работи јасно да се огради од позицијата на претседателот Радев и уште еднаш да ја потврди целосната поддршка за европската интеграција на регионот.“ – заклучува Митровиќ.





