„Журнал“: Дали се нормални политичарите во РМ? За нив е нормално и легитимно лажењето во кампањата!

„Експертот и публицист Ибрахим Мехмети нагласи дека е неприфатливо изнесувањето лаги како нешто нормално во предизборните кампањи. Овој став тој го изнесе при претставувањето на ‘Извештајот за изборна етика: Насоки за доблесни политичари’ во Скопје, во организација на Форумот за разумна политика.“ – пишува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Дали се нормални политичарите во Македонија? Велат дека се нормални лагите во текот на кампањата!“. Споменатиот извештај, сочинет во вид на студија, опфати теми поврзани со внатрепартиската транспарентност при изборот на претседателски кандидати, изборот на кандидати за пратеници, почитувањето на етичките стандарди во изборниот период, рекламирањето на ветувањата, борбата против корупцијата и други прашања. При претставувањето беа истакнати многу прашања и проблеми.



Натаму, „Журнал“ наведува во анализата: „Треба да бараме од политичарите да бидат чесни во кампањата. Многупати сум учествувал во расправи каде што се прифаќа како нормално, ако политичарите даваат лажни ветувања за нешто, што може да се потврди дека е лажно, кога се вели дека е тоа кампања и оти е нормална работа. Тоа не е нормално и не треба да го прифатиме.“ – посочи Мехмети.

Ибрахим Мехмети не кажа нешто, што не го знаеме, но и даде нова димензија на оваа негативна појава, која одамна е присутна на нашата политичка сцена. Се создава уверување дека колку повеќе има избори, толку повеќе лагите се претставуваат како легитимно средство за добивање политички поени пред јавноста и за освојување на гласовите на гласачите, според принципот „целта ги оправдува средствата“. Ова е една од главните причини зошто политиката кај нас сè уште не е на рамништето, на кое треба да биде во земја која е пред портите на Европската унија. Виновна е и јавноста, поради тоа што и натаму поминуваат баналните лаги на политичарите без да бидат казнети. Но, лагите не се единствениот проблем: агресивната реторика и негативната кампања во изборниот период продолжуваат да бидат предизвик за нашето општество.

„Впечатокот од оваа анализа, врз основа на податоците, е дека граѓаните имаат многу малку можности да се информираат за што се залагаат партиите.“ – изјави Гордан Георгиев од Форумот за разумна политика.

Експертите со право нагласуваат дека изборите треба да бидат војна на идеи, визии и политики за решавање на јавните прашања, а не оценување на другиот отколку оценка на другиот, што кај нас речиси секогаш се прави преку негативно гледање на другиот. Според експертите, негативната реторика останува предизвик за државата, но пред се за граѓаните, кои мораат да се поставуваат критички кон ваквата реторика секогаш кога ќе се користи во кампањата. На тој начин ќе покажуваме дека ги исполнуваме условите да бидеме граѓани на обединета Европа.