Да не беше трагедија, ќе се смеев! Оние кои 25 години управуваат со филмот во Македонија, тие и нивните семејства, сестри, браќа, сопрузи и конкубини се продуценти, режисери, актери, ко-продуценти, членови на асоцијации и во овие безмалку три децении земале од државата повеќе од 50 милиони евра се незадоволни од државата и владата, реагира режисерот Јани Бојаџи, на отвореното писмо на Друштвото за филмски работници во кое се жалат на односот на државата кон филмските работници.
„Ете, и тие кои се потпишале како претседател на ДФРМ и раководители на секциите за продукција и режија, и во целост речиси 20 години ја конктролираат Агенцијата за филм, бараат одговорност. Од сите, освен од себе си! Типично за децата на црвената буржуазија, комуњари и северџани, свесни за промените кои им се закануваат со одговорност за сѐ што се случувало во филмската индустрија тргнуваат во напад против сите. Сосема е јасна стратегијата – утре кога ќе се отворат темните дамари себе си да се прогласат за жртви и прогонети. Оние кои три децении не прогонуваат и уништуваат сметаат дека повторно се враќа времето на Никола Груевски кој гореше од желба комуњарите да го свиѓаат, па се чудеше како да им угоди правејќи од потпросечни и неталентирани, уметници со меѓународно реноме, платено од парите на нас кои живееме во Македонија и ја полниме филмската каса. Супер, за десет години истите тие ќе бидат во првите редови на новата шарена револуција. Во секој случај, денес е удрена првата клапа од филмот со работен наслов ‘Лелекање, ползење, лигавење и кодошење’. Давајте пуканки и уживајте! Најдоброто од нив допрва следува“, се вели во реакцијата на Бојаџи.
Инаку, во отвореното писмо на Друштвото за филмски работници бараа од органите во Агенцијата за филм, од техничкиот и идниот Министер за култура и од техничката и од новата македонска Влада, како и од останатите релевантни државни институции, итно разгледување на состојбите во Агенцијата за филм и итно запирање на лажната слика која се креира за состојбите во филмската дејност, кога во суштина филмските работници, автори и продуценти ги живеат најлошите денови во историјата на македонската кинематографија, се вели во отвореното писмо потпишано од Игор Иванов, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија, Лабина Митевска, претседател на секцијата продукција при ДФРМ и Даријан Пејовски, претседател на секцијата режија при ДФРМ.






