Гаши: Косово е за мене татковина, земја на моите родители – Мицкоски: Да им се извини на граѓаните на Македонија за оваа изјава  

„Косово е за мене татковина, земја на моите родители. Сочувствуваме со се што се случува таму. Го следам со големо внимание секој општествен и политички процес, кој се случува во Косово.“ – ова е дел од изјавата на новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија Африм Гаши, содржана во интервјуто, што го даде за Радио телевизија Косово во Скопје на 3 јуни 2024 година, откако беше запрашан за „неговото потекло и за неговите корени, кои се од Косово, бидејќи неговиот татко е роден во Косово“. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ и мандатар за новата Влада на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска изјави дека не ја чул изјавата на претседателот на Собранието Африм Гаши дека негова татковина е Косово и рече дека тој треба час поскоро да им се извини на граѓаните, ако е тоа така.  „Јас не сум ја слушнал изјавата на Африм Гаши. Јас мислам дека неговата татковина е Македонија. И од тоа за што сум разговарал со Африм Гаши сум слушнал лично од него дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Не знам за таква изјава, не сум слушнал. Но ако има таква изјава тогаш треба да им се извини на граѓаните на Македонија. И тоа треба час поскоро да го направи, бидејќи од тука зема плата и од страна на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците е избран за претседател на македонското Собрание.“ – изјави мандатарот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на мандатот во претседателската Вила Водно. 



Претседателот на македонскиот Парламент Гаши на почетокот на споменатото интервју одговараше во врска со историјата на неговото семејство, кое во 50-тите години од минатиот век се преселило од Качаник, од Косово во Скопје, во Македонија. „Во 50-тите години на минатиот век дедо ми работеше во Скопје, а поради техничките причини на тогашниот отежнат превоз купил мал дом во центарот на Скопје и семејството го донел  овде. Но по земјотресот од 1963 година се вратиле во родниот град за кратко време. Потоа пак дојдоа во Скопје и оттогаш дедо ми, вујковците и тетките живеат во Скопје. Јас сум роден во Скопје, а моите двајца братучеди продолжија да живеат во Беграца, кај Качаник.“ – изјави Африм Гаши, кој потоа додаде дека често го посетува семејството таму и оти е многу поврзан со Косово.

Интервјуто на претседателот на Собранието на Македонија Африм Гаши за Радио телевизија Косово од 3.6.2024 на јутуб