Статистика: Авионот го „прелета“ автобусот, ќе се подобри ли состојбата летово?!

Статистичките податоци за првиот квартал годинава покажуваат дека генерално имаме помал број на патници во автобусите. Најголемо намалување на патници има во меѓународниот автобуски превоз. Превозниците велат дека има повеќе фактори зошто опаднал бројот на патници во автобускиот превоз. Луѓето даваат предност на авионскиот превоз, веројатно помалку патуваат во зимските месеци, но и економската состојба влијае на можностите за патување.



„Сега луѓето сакаат да патуваат со авион, има евтини билети. Кај нас има периоди кога падот на патници е и до 50 отсто. Возиме за Берлин, Рим, но патници има помалку од порано“, велат од тетовска компанија за превоз на патници, во изјава за Фактор.

И другите превозници додаваат дека луѓето сè почесто патуваат со авион наместо со автобус.

„Авионски си патуваат луѓето. Бираат авион пред автобус. Оваа година повеќе се чувствува отсуството на патници во автобусите“, велат од траспортна компанија од Куманово која сообраќа на дестинации низ Европа.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот број превезени патници, во патничкиот патен превоз, во првото тримесечје од 2024 година изнесува 10.766 илјади и во однос на истиот период од претходната година е намален за 17.2 отсто. Според видот на превозот, бројот на превезените патници во градскиот превоз е намален за 22.2 отсто, во приградскиот превоз е намален за 13.1 отсто, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 6.6 отсто, а во меѓународниот превоз е намален за 32.6 отсто.

Во првото тримесечје од 2024 година, во однос на истиот период од 2023, вкупниот број патнички километри во патниот патнички превоз е намален за 12%. Според видот на превозот, бројот на патничките километри во градскиот превоз е намален за 1,6%, во приградскиот превоз е намален за 8,6%, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 14,2%, а во меѓународниот превоз намалувањето изнесува 27%.

И натаму во надолна линија е бројот на патници во железничкиот сообраќај. Со оглед дека немаме железничко поврзување со соседните земји, сè се сведува на превоз во домашниот сообраќај, кој, според Државниот завод за статистика, изнесувал со скромна бројка од 280 илјади патници. Лани бројот на патници превезени со железница е преполовен, поради познатите причини – укинати линии, расипани локомотиви.