Денес, на 5 јуни се навршуваат 80 години од смртта на Панче Пешев, македонски револуционер, учесник во НОБ, композитор и хорски диригент. Пешев го даде својот живот за слободата на Македонија на 5 јуни 1944 година во близина на струмичкото село Кушкулија, на планината Плачковица, кога загинува како заменик-командант на Вториот баталјон на Третата македонска народноослободителна бригада за време на Мајската (пролетна) офанзива, при враќањето на бригадата од Егејска Македонија, во судир со бугарскиот фашистички окупатор. Тој е автор и на песната „Ко челик сме ние“, химната на Третата македонска ударна бригада, која е најубавата и најпопуларна македонска борбена песна од НОВ. Стиховите за оваа своевидна македонска партизанска химна ги напишал писателот Ацо Шопов, борец во истата бригада.
Пешев е роден на 15 јули 1915 година во Велес, но уште на петгодишна возраст, неговото семејство се преселило во Куманово, каде ги поминал детството и каде завршил основно училиште и гимназија. Уште како ученик, за време на српската окупација на Македонија, ја започнал револуционерната и музичката активност. Виолина учел во Музичкото училиште Стеван Мокрањац во Скопје, кај Трајко Прокопиев, како и теориски предмети во Музичкото училиште Станковиќ во Белград. Пешев посетувал приватно часови по музика кај Петар Славенски и Јуриј Арбатски. Учествувал во работничките аматерски оркестри и хорски друштва и како диригент на некои од тие колективи. Диригирал и со хорот и оркестарот на Друштвото Абрашевиќ во Куманово (1935-1936). Избувнувањето на Шпанската граѓанска војна го вдахновила да ја компонира песната Класје зелено, на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот.
Во 1931 година Панче Пешев станал член на СКОЈ, а во 1935 година и член на КПЈ. Бил избран како секретар на Месниот комитет на СКОЈ во Куманово. Во 1936 година станал член на Месниот комитет на КПЈ за Куманово. Поради својата политичка дејност двапати бил апсен во Кралството Југославија. Првиот пат во јануари 1936 година, кога бил казнет со казна затвор од 20 дена и вториот пат во април 1937 година кога бил осуден на две и пол години затвор. Од затвор излегил во ноември 1938 година. Кон крајот на 1939 година повторно станал член на МК КПЈ.
Во јануари 1941 година Пешев бил интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица. Додека бил во логорот, тој основал хор кој ги изведувал народните песни: Старци белобрадци, Млада овчарка, Помниш ли либе Галабо, Борјано, Борјанке и други. Во текот на НОВ (1941-1944), неговите музички материјали се уништени од окупаторот. Не знаејќи дека се наоѓа во партизанските единици, оргуларот Арбатски, според постојните програми, ја извел и неговата „Шеста соната за оргули“ на концертите во Прага (1942) и во Лајпциг (1943). До денес не е потврдено дали станува збор за вакво дело на нашиот музичар.
По окупацијата на Југославија станува член на Воениот штаб на КПЈ за Куманово. Бил дел и од редакцијата на весникот „Дедо Иван“. На 12 октомври 1941 година го постројува Козјачкиот партизански одред и ги соопштува имињата на борците кои се назначени за командант и политички комесар. По разбивањето на двата кумановски партизански одреди, преминува во илегала и се крие во Велес и Скопје. Во јуни 1942 година заминува во Струмица. По два месеца се враќа во Скопје, каде што набрзо е уапсен во врска со убиството на Мане Мачков на 20 август 1942 година. На 14 септември 1942 година, заедно со група од осум политички затвореници од селото Рудник, Велешко, е доведен на стрелање во месноста Пуста кула, но успеал да избега.
Кон крајот на септември 1942 година се приклучил на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Во ноември 1943 година станал борец на Кумановскиот партизански одред, а потоа и на Третата македонска бригада. На 16 март 1944 година раководството на КПМ го исклучило Пешев од партијата, заедно со Благоја Стевковски – Гојчо. За време на Мајската (пролетна) офанзива во 1944 година, при враќањето на Бригадата од Егејска Македонија, загинал во судир со бугарската фашистичка војска во струмичкото село Кушкулија, на планината Плачковица, на 5 јуни 1944 година.
Во чест на овој бележит македонски револуционер и музички деец Сојузот на композиторите на Македонија ја доделува наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија. Во чест на Пешев во Куманово неговото име го носат Нижото музичкото училиште, една улица, месна заедница и едно културно-уметничко друштво.
Извор: „Македонска нација“, „Денешен весник“
Песната „Ко челик сме ние“ на Панче Пешев на јутуб





