Меџити: Ахмети режираше драма во Тетово, оти се уплашени, знаат дека ќе одговараат за незаконското богатење, криминалот, корупцијата!

„Изет Меџити, лидерот на Демократското движење и дел од коалицијата Вреди, реагираше преку фејсбук по средбата на Европскиот фронт и потпишувањето на ‘Политичката декларација’. Меџити вели дека доживотните од ДУИ се во паника и оти по уривањето на 20-годишниот режим ќе уследи одговорност, според него, за незаконското богатење, за криминалот внесен во институциите, дека ќе има одговорност за политичката корупција, за бизнисите на нивните семејства.“објави информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“



„Инфошќип“ ја пренесува објавата на Изет Меџити на неговиот фејсбук-профил, во која тој пишува, обраќајќи им се не само на Али Ахмети и на неговите сопартијци од ДУИ, туку, пред се, на гласачите-Албанци: Во текот на кампањата повеќепати зборував за еден грст луѓе, доживотни функционери на ДУИ, кои ги зграпчиле функциите и фотелите и се однесуваа како да ги добиле во наследство од нивните претци.

Затоа, драмата во режија на Али Ахмети, која беше прикажана во Тетово, е само пројава на страв поради губење на привилегиите, со кои некогаш се збогатуваа. Сега се обидуваат да го заштитат богатството, создадено со наши пари, додека обичниот граѓанин едвај го поврзува почетокот со крајот на месецот. Го разбирам нивниот очај: 20 години живееја на сметка на народот и се богатеа со парите на граѓаните! Тие имаат една цел: очајно да ги заштитат власта, што ја губат, да ги заштитат нивните фотелји и семејните бизниси. Оваа цел ја прикриваат со патриотизам и фолклоризам.

ПРОМЕНАТА ДОЈДЕ! Им истече рокот на употреба на ДУИ и на нивната дружина на бизнисмени. Вреди е новиот легитимен чинител, кој ќе ги претставува Албанците. Ќе го ослободиме системот од оваа корумпирана каста и ќе отвориме можност за млади, компетентни и енергични луѓе, за да придонесат за нашата национална кауза. Никој да нема дилема: ЌЕ ИМА ОДГОВОРНОСТ! Али Ахмети и неговите пријатели воопшто не се грижат за легитимитетот, бидејќи знаат дека го изгубиле. Вистинската работа е тоа што ја немаат повеќе ЛОТАРИЈАТА, која им ја донесе СОРАВИЈА. Дојде време да се спуштат завесите на претставите како што беше оваа најновава во Тетово.