Агатангел: Цариградската патријаршија ли ќе ни го наложува насила името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија?

„Архиепископот Стефан јасно и точно ги образложи условите за впишување на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во диптихот на Цариградската патријаршија, што тие, без никаква канонска основа го нарекуваат ‘единствен важечки томос за добивање автокефалност’. Од кога Црквата ги проблематизира националните чувства на поединецот и на народите? Оној што на сила ни наложува како да се определуваме нека се прпелка во своето лицемерство. Треба да си ја чуваме нашата света Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Само таа, како наша духовна мајка, ни остана недопрена од силниот виор и налетот на страшните црнила, кои преку уриваат сè пред себе што останало македонско.“ – нагласува Митрополитот Повардарски Агатангел (Станковски во својата колумна под наслов „…Правилно да раководи со словото на Твојата вистина“, која ја објави весникот „Нова македонија“.

Покрај другото, Митрополитот Повардарски Агатангел пишува: По толкуте многу национални предавства, што ни се случија во последните десет години, архиепископот Стефан јасно и точно ги образложи условите за впишување на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во диптихот на Цариградската патријаршија, што тие, без никаква канонска основа го нарекуваат „единствен валиден томос за добивање автокефалност“. Огромни беа позитивните реакции во македонската јавност за правилниот курс што го држи нашата автокефална и света Македонска црква, заедно со нејзините епископи.

Македонците се силно и чувствено поврзани со својата Црква, знаат добро дека само таа, како наша духовна мајка, ни остана недопрена од силниот виор и налетот на страшните црнила, кои преку својата пизма и своите поделби уриваат сè пред себе, особено она што останало македонско.

Затоа и беа во шок дежурните фанариоти, кои веднаш побрзаа да ги искажат своите испревртени и неаргументирани ставови, плашејќи се дека ќе им биде одземен уште еден квадратен метар од нивниот простор за маневрирање со нивните дрски манипулации. Претходно, многумина од нас ја кажаа вистината во однос на овие прашања и темелно ги образложија сите замки и лицемерства. Македонскиот народ од прва ја сфати подлата игра околу нашата неприкосновена автокефалност. Целосно се разобличени самонаречените „експерти“, кои имаат амбиции да креираат црковна политика и да влијаат на линијата на нејзиното историско движење.

Конечно се изнесени на чистина надворешните негатори на нашата автокефалност. Фанариотите ни го претставуваат противцрковниот и неканонски „папизам“ како единствено важечко решение, како „традиционална“ постапка за добивање автокефалност, како последна инстанца за пресудување за сите важни црковни прашања. На секого од нас му се кристално јасни нивните нечесни намери.

Што кажа толку лошо архиепископот охридски и македонски Стефан? Дали треба одбраната на нашето име да ни биде камен за сопнување? Од кога Црквата ги проблематизира националните чувства на поединецот и на народите? Оној што на сила ни наложува како да се определуваме нека се прпелка во своето лицемерство. Еден од нив неодамна за македонските медиуми кажа дека требало да бидеме среќни што тие ни давале илјадагодишна историја, тие ни ја давале Охридската архиепископија. Дали имаат некоја скриена ризница со истории, имиња и територии, врз кои имаат ексклузивни права и напишани тапии, а ние не го знаеме тоа?

Ова е исто толку бесмислено и забегано како и да тврдиш дека си им го дал на Ердоган Истанбул, а на Бугарите Софија. Во неможност да имаат сопствени верници на териториите, на кои од Бога им е дадено да ја спроведуваат мисијата, тие посегнуваат по туѓи дијаспори, каде што ниту сееле, ниту имаат право да жнеат. Видовме што направија со Украина. Во томосот што ним им го дадоа ја ограничија Црквата на територијата на државните граници. А како тоа Црквата и нејзината спасителна мисија може да се врами?

Која е нивната логика? Откако ќе формираш црковна заедница некаде по светот, да се јавиш во Истанбул и да побараш од нив да определат кого таму ќе устоличат. Ова практично ќе биде предавство на тамошните парохјани, зашто сите нас праксата нè научила дека луѓето се врзуваат за своите духовници. Секој епископ, свештеник и ѓакон се избираат и се ракополагаат пред заедницата на верниците од месната црква, а не се поставуваат административно од некој визбен центар, што е зафрлен во некоја далечна и непозната територија. Затоа, треба да бидеме внимателни во однос на овие прашања, не смееме да си го повредиме народот. Треба да си ја чуваме нашата света Македонска православна црква – Охридска архиепископија.