Најголемата измама со социјалната помош во Британија е откриена откако бугарски полицаец им рекол на британските власти дека бугарскиот град Сливен одеднаш бил преплавен со готовина и дека криминалците „живееле како барони“, објави британски Телеграф.
Петмина бугарски државјани признаа дека украле повеќе од 50 милиони фунти од британските даночни обврзници во април и се појавија на првиот ден од нивното тридневно сослушување пред судот во Вуд Грин Краун во вторникот.
Галина Николова (38), Стојан Стојанов (27), Цветка Тодорова (52), Ѓунеш Али (33) и Патриција Панева (26) уживаа поддршка од десетици членови на семејството и пријатели. Во април тие се изјаснија за виновни за измама и перење пари.
Групата имаше илјадници „клиенти“ и во пораките споделени на WhatsApp се шегувале со неможноста на британското Министерството за труд и пензии да ги фати.
Нивната шема беше разоткриена кога Васил Панајотов, инспектор од бугарскиот град Сливен, започна истрага за ненадеен прилив на пари во неговиот град, откако забележа дека се градат недвижности, а жителите носат дизајнерска облека.
Тој откри дека илјадници луѓе, од кои многумина никогаш не ја посетиле Британија, добиваат до 2.500 фунти месечно од островот.
Тој ги предупреди властите преку британската амбасада во Софија и во мај 2021 година беа извршени серија рации низ северен Лондон.






