Неизвесно е каква казна ќе му биде изречена на Доналд Трамп откако првостепено беше прогласен за виновен за фалсификување деловни документи, кривично дело за кое може да добие и до четири години затвор.
Малку е веројатно дека Трамп ќе биде осуден на затворска казна, велат експертите. Ова е негов прв прекршок, а делото за кое е прогласен за виновен бил од ненасилен карактер, пишува Гардијан.
Казната најверојатно ќе биде парична казна, условна казна, општествено корисна работа или некоја комбинација.
„Би сакала да го видам Трамп како го собира ѓубрето во метрото“, рече Карен Фридман Агнифило, поранешен главен обвинител во канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен.
„Судијата може да установи дека однесувањето на Трамп предизвикува длабока штета на целата земја со тоа што влијае на самиот изборен процес на најважните избори во нацијата“, рече Шерил Бадер, професор по право на Универзитетот Фордам.
Но, дури и ако Трамп биде осуден на затвор, тој речиси сигурно ќе поднесе жалба, а жалбениот процес може да трае со месеци, па дури и со години. Затоа, пресудата нема да влијае на можноста на Трамп да се кандидира на изборите во ноември.
Во најбизарното сценарио, Трамп би можел да биде претседателски кандидат од затвор, а се уште не е јасно дали може да ја извршува и функцијата претседател од затвор, со оглед на тоа што не би имал можност сам себе да се помилува бидејќи тоа е кривично дело на ниво на сојузна држава, а не федерално.






