Софија сака да ја купи куќата на Талев во Прилеп, за кого „бугарската окупација на Македонија беше успешен крај на Македонската борба“

Владата на Бугарија го задолжи министерот за култура Најден Тодоров час поскоро да ја истражи можноста за купување на родната куќа на Димитар Талев во Прилеп, но и веќе ја започна постапката за тоа. Околу ова се обединија министрите од кабинетот на премиерот Димитар Главчев на вчерашната оперативна средба.

„Донесена е одлука бугарската држава да го здобие имотот уште во јуни 2023 година, но досега не се преземени конкретни дејства. Ова е причината, поради која темата и формално влезе во агендата на извршната власт. Конкретна причина за одлуката на Министерскиот совет на Бугарија е информацијата за уривање на дел од куќата. Таа со години се урива и нејзината состојба е исклучително лоша. Проблемот е што во моментот само сопственичката на две третини од имотот се изјаснила дека сака да го продаде нејзиниот дел. Во 2023 година цената што ја побарала е 100 илјади евра. Но, третата третина му припаѓа на друг сопственик, кој категорично одбива да ѝ го продаде својот дел на бугарската држава.“ – стои во објава на Владата на Бугарија.

Бугарскиот премиер Димитар Главчев изјави: „Ова е прашање, што не треба повеќе да се одложува. Мора да се најде итно решение, да се преземат сите активности за спас на куќата на големиот бугарски писател, вклучително и дипломатски активности. Им должиме на нашите деца. Куќата мора да се зачува, да се возобнови и да се претвори во музеј.“

Наследниците на писателот не живеат во таа куќа одамна. Дали Владата на Бугарија е заинтересирана за „архитектонско-културното наследство“ од куќата на Димитар Талев, или за неговото „духовно-историско“ и „национално-политичко наследство“? Кој е Димитар Талев?

На „Википедија“ на англиски јазик пишува: „Димитар Талев (1.9.1898 – 20.10.1966) бил бугарски писател, новинар, политички затвореник и пратеник во Бугарското народно собрание. Роден е во Прилеп, а починал во Софија. Талев беше главен уредник на весникот ‘Македонија’, кој постепено стана орган на десното крило на Внатрешната македонска револуционерна организација на Иван Михаилов. Во тоа време Талев почна да пропагира за Македонија во границите на Кралството Бугарија. Тој ја сметал окупацијата на Вардарска Македонија од Бугарија во 1941 година како успешен крај на Македонската борба.“

„Новата политичка ситуација по комунистичкиот пуч во 1944 година ја промени политиката на Бугарија околу Македонското прашање. Талев бил прогласен како ‘фашист’ и ‘великобугарски шовинист’. Бил уапсен од комунистичките власти и бил испратен во централниот затвор во Софија. Откако Тодор Живков го замени В’лко Червенков, новата Влада на Бугарија го прогласи Димитар Талев како незаконски репресиран и тој беше потоа помилуван и рехабилитиран.“

„Владата на Живков му додели на Талев три награди од областа на книжевноста: во 1959, 1963 и 1966 година. Во 1966 година Талев бил избран како пратеник во 31. Народно Собрание, односно во бугарскиот парламент. Во 2021 година бугарскиот претседател Румен Радев испрати оригинални копии од четиритомното творештво на Димитар Талев во * Македонија, наведувајќи дека прогонот на бугарските книги и нивното фалсификување, вклучувајќи и на Талев, мора неповратно да остане во минатото.“

На „Википедија“ на македонски јазик се истакнува: „Димитар Талев е контроверзен писател од Македонија. По доаѓањето на комунистите на власт во Македонија тој е затворен под обвинение дека ширел великобугарски шовинизам. Ослободен е во 1948 година и продолжува да живее и работи во Бугарија. Во Бугарија се смета како еден од класичните бугарски автори од 20 век. Ги напишал романите: ‘Железниот светилник’, (1952), ‘Илинден’ (1953), ‘Преспанските камбани’ (1954), ‘Самуил’ (1958), ‘Хилендарскиот монах’ и ‘Гласовите ви ги слушам’. Во 2009 година ‘Железниот светилник’ е избран на 4. место од 12 наjсакани книги од бугарските читатели. Димитар Талев беше славен од УНЕСКО во 1998 поради придонес кон светската култура.“



Во својата статија со наслов „Енигмата Димитар Талев“, објавена на 9 јуни 2018 година во неделникот „Зенит“ прим. д-р. Благоја Дамески има напишано: „Димитар Талев вели: ‘,Бугарското е основно во мене, а националноста е мој тон…’ Како Талев го гледа Илинденското востание: ‘Илинденските херои во перспектива ја гледаат … автономна Македонија, соединета со мајката Бугарија, остварувајќи ги на крај своите врвни идеали.’ Статиите од триесеттите и четириесеттите години од минатиот век одразуваат идејна самозаблуда во врска со македонското прашање. Задоен е од детските години …. да ѝ служи на бугарштината. Но, Талев е крајно врзан за Македонија, за темата разбирање, а не како јаболко на раздорот. … Оваа анатемисана личност  – Димитар Талев – со сите негови мани и доблести, сепак е наш.  … Преку неговите дела подобро се осознава историографијата на Македонија, посебно историјата на нашиот град.“

Извори: „Википедија“ на англиски јазик и „Википедија“ на македонски јазик, неделник „Зенит“