Не би сакале да продолжиме да бидеме налик на нешто што сме го критикувале… Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците беше синоним за злоупотреба од Артан Груби и ДУИ на институциите, изјави претседателот на Движењето Беса и еден од предводниците на коалицијата „Вреди“, Билал Касами, во синоќешното интервју за „360 степени“ на МРТ 1.



„…знаеме дека во рамките на тоа министерство беа фиктивно вработени многу граѓани кои потоа немаше каде да одат на работа.

Како да беше дизајнирано за Артан Груби за да му се најде место и беше еден од примерите како претходната влада работеше наместо да најде соодветни кадри за институциите.

Претходно тоа беше Секретаријат за имплементација на Охридскиот рамковен договор, па потоа направија министерство, па го ставија и политичкиот систем, па го додадоа и прв вицепремиер…

Затоа, не би сакале ние да продолжиме да бидеме налик на нешто што сме го критикувале“, вели Касами.