Претседателката Силјановска Давкова остана доследна на својот став во врска со користењето на името на државата, смета пратеникот Антонио Милошоски, што не било случај за поранешниот претседател Пендаровски и премиерот Ковачевски за време на кампањата.
„Забележавме дека има друга недоследност, токму тие кои што го промовираа новото уставно име на државата и некогаш дури пречесто го повторуваа, во Собранието, на дебатни емисии и слично, забележавме дека во изборната кампања, дури претходниот претседател Пендаровски, поранешниот премиер Ковачевски, па и други се почесто знаеја колоквијално да го користат само името „Македонија“ или „Република Македонија“, што сметам дека не беше конзистентно според она што тие го имаа најавено и промовирано. така што нема да биде никакво изненадување ниту обраќањето на мандатарот и иден премиер, Мицкоски во Собранието за кое што јас очекувам да биде токму такво. Во формалниот дел, при неговите службени, укази, одлуки, решенија, владини документи да се применува и да се користи она што е создадено како нова формално правна реалност“, рече Милошоски.
Според него новите функционери ќе ја почитуваат, како што ја нарече „новата реалност“ таму каде што мора, а таму каде што може ќе го користат само името Македонија.
„Знаејќи низ какви перипетии помина државата, и на каков начин беше сменето името со прилично контроверзен би рекол договор и контроверзно гласање во Собранието, пуштање од затвор, притисоци и слично, сметам дека сега треба секој политичар, барем како што јас ги разбирам работите, и претседателката Силјановска Давкова и Христијан Мицкоски се трудат да најдат баланс помеѓу почитувањето на она што мора да се почитува и наоѓањето на начин како со користење на терминот македонија и користење на слободата на говорот, како принципиелно човеково право без разлика дали е некој премиер или е на друга позиција, да може на некој начин да се залекува или да се зачува достоинството кое што ѝ беше одземено на државата“, рече Милошоски.





