Дебитантката Ангела Влинтовска победничка на 37. Фолк фест „Валандово“

„Прво, па машко“ за 19-годишната Ангела Влинтовска, која уште во своето деби победи на фестивалот на народна музика „Валандово 2024“, кој се одржа од 25 до 27 мај.



Покрај првата награда на 37. Фолк фест за песната „Темјана“, за која автор на музиката е Ванчо Димитров, на текстот Огнен Неделковски и на аранжманот Љупчо Соколовски, а Влинтовска беше почестена со долготраен аплауз од публиката во салата „Јанко Узунов“, таа доби признание и за најдобар дебитант.

Второто место во апсолутна конкуренција ѝ припадна на „Љубовта е оган“ на дуетот Софија Пуровска и Никола Зацески, а третото го освои песната „Го чекам аберот“, која ја отпеа Габриела Новевска.

Наградата за најдобар текст ја доби Ѓорги Барбаровски за песната „Љубовта е оган“, за второнаградениот дует Софија Пуровска и Никола Зацески.

Наградата за најдобар аранжман замина во рацете на Дарко Илиевски за песната „Спомени“, која ја испеа Сашо Башески.

За најдобра интерперетација е наградена Габриела Новевска за песната „Го чекам аберот“.