Почна бербата на доматите под пластеници, а најавената откупна цена не може да ги покрие ни трошоците на производство, велат земјоделците. Производителите од Просениково вчера порачаа надлежното министерство да најде начин да им помогне, бидејќи ситуацијата е сериозна, а самите немаат решение за подобар пласман.
„Оваа држава има институции. Нека дојдат овде да видат што се случува и како си играат со нашата мака. Ова е недозволиво.
Пред половина век доматите беа со цена од 20 до 25 денари кога репроматеријалите беа евтини. А, сега, ем скапи репроматеријали, ем ниски откупни цени. Има ли некој овде да гарантира за земјоделците“, вели Васе Сколов, за порталот Сакам да кажам
За решавање на проблемот со откупната цена, дадоа рок од два дена, со најава дека денеска ќе излезат на масовен протест и ќе ја блокираат Струмица.
„Во рок од два дена ако не се реши проблемот, ќе ја блокираме Струмица. Бараме рентабилна цена од 35 денари за килограм и да се блокира албанскиот домат, односно увозот„ изјави земјоделецот Христијан Спасов.
Производителите на раноградинарски производи, поддршка добија и од Националната мрежа на земјоделци, од каде побараа да се стави ред во увозот на домати, посебно на оној од Албанија, пренес „Алфа“.






