Поранешниот министер за здравство за кого се шпекулира дека е претендент за претседател на СДСМ, смета дека со оставката на Димитар Ковачевски, почнува обновата на партијата. Венко Филипче вели дека партијата сега ќе се насочи кон стабилизација и обединување на членството, а потоа и враќање на довербата кај сите граѓани. Инаку, тој е иден пратеник на СДСМ во македонското собрание, а неговиот мандат, како и на останатите ќе биде верификуван во вторник, на Конститутивната седница во Законодавниот дом.
Според Филипче, од суштинско значење се внатрепартиските избори и тие треба да поминат во најдобар ред – што ќе биде една демократска постапка за да дојде ново раководство кај социјалдемократите. Тоа, вели неврохирургот, ќе ја обедини партијата. Во изјава за Канал 5, посочил дека новото раководство ќе има тешка задача пред себе, да донесе јасна стратегија која ќе ги поправи состојбите во партијата.
„Прва цел треба да биде стабилизација и обединување на членството, а потоа и враќање на довербата кај сите граѓани. Оваа криза е можност да се преиспитаат политиките, начинот на работење и да изникне еден нов СДСМ кој ќе биде силен коректив на власта”– рече идниот пратеник на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче до сега не искажал јавно амбиција за да го наследи Димитар Ковачевски, иако неговото име се споменува во екипата на Славјанка Петровска, Јован Деспотовски, Стефан Богоев, кои веќе изразија желба да седнат на претседателското столче. Се шпекулира и враќањето на Зоран Заев, но за сега, оваа информација останува непотврдена. Конгресот на СДСМ треба да се одржи во јуни.





