Коцарев: Дали може да се поведе судска постапка за идентитетскиот геноцид врз Македонците со договорите со Грција и со Бугарија?!

„Дали е можно да се поведе постапка за геноцид врз Македонците водејќи се од ‘дејствата извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква’? Дали е доволно за поведување судска постапка повикувањето на ‘предизвикување сериозни телесни, или умствени повреди на членовите на групата’? Дали насилното ревидирање на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, што го прават договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ не предизвикува сериозни умствени и духовни повреди на Македонците, што се пројавуваат и со физички повреди? Тоа што денес нам, на Македонците, ни се случува за многумина е културен, идентитетски геноцид, без разлика дали некогаш воопшто ќе се води судска постапка. Ги убиваме сопствените внуци и нивните деца, ги убиваме како поддршка на политиките за натамошната демакедонизација на Македонија и создавање нова ‘лабораториска нација’. Не молчете, – кој молчи, тој се согласува. Сега е време кога треба да се зборува, да се пишува и да се дејствува. – нагласува академик Љупчо Коцарев од Македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „Повик за отпор“,  која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, Коцарев пишува: Тргнувајќи од потребата за проактивен одговор на дипломатската офанзива однадвор и понизниот и заплашувачки пристап одвнатре, но и од нужноста Македонија достоинствено и подготвено да одговори на неправдите, денес ќе пишувам за правното, историското, социјалното и фигуративното значење на терминот геноцид.

Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, којашто беше прифатена од Генералното собрание на ОН на 9 декември 1948 година, стапи во сила на 12 јануари 1951 година. Според овој меѓународен договор, за постоење геноцид важно е делото да е извршено „со намера за целосно, или делумно уништување на национална, етничка, расна или религиозна група како таква“. Тој чин може да биде: „(1) убиство на членовите на групата, (2) сериозни повреди на физичкиот или менталниот интегритет на членовите на групата, (3) намерно подложување на групата на услови за живот, што треба да доведат до нејзино целосно или делумно уништување, (4) мерки насочени кон спречување на раѓања во групата и (5) присилно пренесување деца од една во друга група“ (чл. II).

Самиот чин на геноцид, планирањето на неговото извршување, директното и јавното поттикнување на геноцид, обидот и соучесништвото се казниви (чл. III). „Лицата што ќе извршат чин на геноцид или кој било друг чин наведен во член III ќе бидат казнети без разлика дали управуваат со државата, извршуваат функции или се обични поединци“ (член IV).

Тргнувајќи од тоа дека Договорот со Грција требаше да реши „еден апсурден спор што ги оспорува универзалните човекови права за (национално) самоопределување, како и принципот јус когенс на перемпторното (обичајно) право, кој едноставно не е подложен на поништување со никакви меѓународни договори, ниту со ‘доброволно откажување’ од нив под меѓународен притисок“ (Јасминка Павловска), Договорот е, всушност, ништовен, нелегален и бесмислен, и „преставува преседан и срам во меѓународното право, што никогаш не требаше да се случи ниту со изговорот за големата слика на реалполитиката и геополитиката“ (Јасминка Павловска).

Како понатаму? Дали е можно да се поведе постапка за геноцид врз Македонците водејќи се од петте „дејства извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“? Дали повикување на второто дејство: „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“, е доволно за поведување судска постапка? Дали насилното ревидирање на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја што го прават договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ не предизвикува сериозни умствени и духовни повреди на Македонците, што се пројавуваат и со физички повреди?