„Не тажи, мајко, мојата смрт не е залудна, другарите ќе донесат слобода и среќа!“ – со овие зборови Анастас Ташко Караџа, еден е од најистакнатите борци за национални и социјални права на македонскиот народ во Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, се простил со својата мајка на 19 мај во 1942 година во затворот, пред да биде стрелан. Успеал да се види со неа, а три дена потоа, во утринските часови на 23 мај 1942 година бил стрелан во Солун, не дозволувајќи да му бидат врзани очите. Македонецот Ташко Караџа ѝ појде според својата волја во пресрет на смртта со ширум отворени очи, покажувајќи се со својот живот и своето револуционерно дело како блескав пример на борбеноста на македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија. Тој развивал револуционерна дејност за слобода на македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија во еден многу тежок временски период: особено со воведувањето на диктатурата на Метаксас во 1936 година започна еден од најтешките периоди за македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија. Тогаш Била забранета употребата на македонскиот јазик. Поради кршење на забраната за користење на македонскиот јазик, повеќе од 5 илјади Македонци биле осудени и затворени.
Натаму, во статијата „Ташко Караџа“ од 29 мај 2013 година весникот „Македонска нација“ пишува: Името на Ташко Караџа остана во колективната меморија меѓу македонскиот народ во Костурско и пошироко. Народот испеа песни за време на народноослободителната борба за него. Тој е македонски револуционер од Егејскиот дел на Македонија. Активно учествувал во македонското движење и бил учесник во антифашистичкиот отпор во Егејскиот дел на Македонија. Пред Втората светска Војна, како член на Комунистичката партија на Грција бил апсен и интерниран од режимот на Метаксас. Во 1941 година бил функционер на Федерацијата на комунистичката младина на Грција.Станал и секретар на Окружниот комитет на Комунистичката партија на Грција за Катерини.
Анастас Ташко Караџа е роден на 14 април 1914 година во селото Д’мбени, Костурско. Во 1929 година станал член на Федерацијата на комунистичката младина на Грција-ОКНЕ. Во 1930 година, по две години поминати во Земјоделското училиште во Лерин, поради своите активности, бил исклучен од училиштето. Осумнаесетгодишниот Караџа ја шири македонската национална идеологија со младешки ентузијазам и револуционерна страст и ги организира младинските организации на ОКНЕ. Во 1931 година, додека држел говор пред насобраната младина и другото население на селото Дреновени, Ташко Караџа бил уапсен. Судот во Костур го осудил на три месеци затвор и три месеци присилен прогон во Лариса.
По враќањето во своето село, продолжил да го организира населението со уште поголем полет. Како член на Комунистичката партија на Грција Ташко развива широка револуционерна дејност во Костурскиот крај. Воспоставува нови партиски ќелии, ги шири постојните, ги снабдува со потребната литература и го користи локалниот печат за ширење на идеологијата. Сето тоа ќе доведе до разгорување на политичката борба и зголемување на отпорот на македонското население против тиранијата на грчката власт. По враќањето на Лазо Трповски од Советскиот Сојуз во Д’мбени во 1934 година Ташко Караџа блиско соработува со него. Тие работат заедно и се советуваат додека заедно патуваат низ Костурскиот регион.
Во октомври во 1936 година, Ташко Караџа бил уапсен. Најпрво бил мачен во полициската станица во Д’мбени, потоа во Костур, Солун и Пера. Од таму бил испратен на островот Ајос Ефстратиос, каде што од 1930 година биле држени политичките затвореници. Од овој остров, во 1938 година бил префрлен во тврдината Акронафплија, која, исто така, од 1936 година се користи како затвор за политички затвореници. Сепак и покрај сите измачувања и тортури кои ги доживува, Ташко не бил скршен. Ги преживеал сите страдања во Акронафплија и Пилос.
По окупацијата на Грција во пролетта 1941 година, германските окупациски власти на 28 јуни истата година ги ослободуваат од грчките затвори Ташко Караџа, Андреј Чипов, Лазар Трповски, Лазар Дамов, Атанас Пејков и уште 22 други Македонци. Меѓутоа, уште истото лето Ташко Караџа со Лазо Трповски и други активисти на КПГ застана во првите редови на народноослободителната војна против фашистичките окупатори. Ташко Караџа дејствувал во Атина и од септември 1941 година бил назначен за прв секретар на Окружниот комитет на КПГ за Катерини. Неговата работа е поврзана со формирањето на првите партизански редови на ЕЛАС на легендарниот Олимп. При крајот на 1941 и почетокот на 1942 година, како член на Окружното биро на младината од Егејскиот дел на Македонија, Ташко бил назначен како водач на младинците и студентите од Универзитетот во Солун.
На 8 април 1942 година бил уапсен од грчките колаборационисти, соработници на германските окупациски власти. Тие му го предаваат на Гестапо. Повеќе од месец и половина бил брутално мачен, за да ја открие партизанската мрежа и лицата, кои се вклучени во национално-ослободителната борба. Меѓутоа, и покрај сите мачења и искушенија, синот на македонскиот народ Ташко Караџа останува докрај лојален кон него и грчките пријатели и соработници од КПГ. Во мај 1942 година во Солун германскиот воен суд донел смртна пресуда. Младите солунчани имале три неуспешни обиди да го спасат саканиот Тошо Караџа.
Пред да биде стрелан, на 19 мај 1942 година успеал да се види со својата мајка во затворот и ѝ порачал да не тажи, дека неговата смрт не е залудна и оти „другарите ќе донесат слобода и среќа“. Три дена потоа, во утринските часови на 23 мај 1942 година, Атанас Ташко Караџа бил стрелан во Солун, не дозволувајќи да му бидат врзани очите. Името на Ташко Караџа останало во колективната меморија меѓу македонскиот народ во Костурско и пошироко. Народот испеал песни за време на народноослободителната борба, а неговиот живот и борбен дух стана пример како за Македонците, така и за грчките демократи.
Извор: Македонска нација.
Документарна ТВ емисија за Анастас Ташко Караџа на јутуб





