Се помалку граѓани користат јавен превоз. Ова го покажаа последните податоци на Државниот завод за статистика, кој објави дека во првото тромесечие биле превезени 10.766.000 патници, при што има големо намалување, бидејќи лани истиот период биле превезени 12.995.000 патници.
Притоа најголемо намалување има кај градскиот превоз, каде од 7.272.000 лица, бројот паднал на 5.657.000 превезени лица.
Од друга страна падот кај приградскиот превоз не бележи толку голема разлика. Лани во првите три месеци на приградските линии биле превезени 4.825.000 лица, додека оваа година 4.191.000 граѓанин.
Што се однесува пак до меѓуградскиот превоз, таму дури има благ раст на бројот на патници, па од 797.000 превезени лица лани, годинава таа бројка достигнала 849.000 лица.
Кај меѓународниот превоз исто така има намалување па од 102.000 патници лани, тие се намалиле на 69.000 во првите три месеци годинава.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот број превезени патници, во патничкиот патен превоз, во првото тримесечје од 2024 година изнесува 10.766 илјади и во однос на истиот период од претходната година е намален за 17,2 отсто.
Инаку, како што соопшти ДЗС бројот на превезените патници во градскиот превоз е намален за 22,2 проценти, во приградскиот превоз е намален за 13,1 отсто, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 6,6 проценти, а во меѓународниот превоз е намален за 32,6 отсто.
Дел од упатените за Фактор. мк велат дека е вообичаено низ земјата, но и надвор од нашата земја повеќе се патува во текот на летните месеци, кои важат за период од годината кога граѓаните повеќе патуваат.
Извор : https://faktor.mk/drastichen-pad-na-brojot-na-patnici-koi-patuvaat-niz-gradovite—gradskiot-i-prigradskite-prevoznici-se-povekje-gi-gubat-klientite





