Волонтира на Радиологија со години и гледа вработувања преку ред

Мухамед Т. дипломиран радиолошки технолог и студент на втор факултет (по медицински науки), три ипол години волонтира на Институтот за радиологија без ниту еден платен час, без здравствено осигурување, па дури и без волонтерски договор. Тој за „Слободен печат“ тврди дека гледа како преку ред и непосредно пред изборите, раководството на Клиниката делело решенија на други луѓе, а тој е постојано прескокнуван.



Неговото разочарување е огромно, со оглед на тоа што смета дека мерит системот не се применува и само со труд и без партиски врски е невозможно да се стигне на ред и да се добие валоризација на трудот.

Запрашан какви работни обврски извршува на Институтот за радиологија тој вели дека држи смени од 8 до 14 часот. До нашата редакција приложи документи односно распореди за работа на радиолошките технолози од 18 месеци и на секој распоред потпишан од економскиот директор Зеќир Курбардовиќ и на медицинската директорка д-р спец. Гордана Ангулеска – Белческа, неговото име фигурира, во смени од по 8 часа дневно.

  • Од 8 наутро до 14 часот држам смена, имам доказ а тоа е што на сите списоци со распореди за работа, се наоѓа моето име. На никој не му е јасно ова нешто што доброволно го правам. Има и други вакви лица како мене. Ни ветуваа дека ќе се случи вработување. Кога дојде ред да се даваат договори мене ме прескокнаа. Донесоа сосема трето лице кое допрва треба да учи, а јас спремен и со приватна специјализација која траеше една години и ме чинеше 3 илјади евра, не сум примен од институцијата. По потекло сум од Кичево, во Скопје живеам 12 месеци и еден месец ме чини 700 евра, пари со кои ми помага татко ми. Воедно студирам и на медицински науки, таму сум трета година. Вложувам на радиологија бидејќи тоа ми е прва љубов и работата ја сакам. Партиски не сум определен. Да бев партиски определен, ќе се вработев досега. Мислев дека навистина ќе го ценат трудот, знаењето, што тука сум го стекнал и дека ќе бидам примен по заслуга, поради успехот, но тоа не се случи, изјави Мухамед Т.

Тој за „Слободен печат“ тврди дека има дипломиран радиолошки технолог што работи на шалтер на Институтот за радиологија, а дека непосредно пред изборите биле делени решенија во болницата.