Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, со став дека „Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано“, јави дописничката на МИА од Атина.



Во утринското интервју за Радио „Talk radio 98.9“, шефот на грчката дипломатија посочи дека „во овој момент постои едно прашање што произлезе по изборите во с Македонија“, но и истакна дека тие секако го почитуваат изборниот резултат.

„ Она што секогаш го потенцираме е дека независно од разликите, од идеолошките и политичките разлики што може да ги има ги има новото политичко раководство кон Договорот од Преспа, тоа е меѓународен договор што е ратификуван.

Не се менува и не се ревидира еднострано од страните.

Претставува една многу основна точка врз која се изградија меѓународните односи на с.Македонија. Се подразбира дека Европската унија ги оценува прашањата од Договорот од Преспа и целосното и доследно спроведување и затоа мислам дека политичкото раководство на с. Македонија ќе ги оцени овие прашања и ќе се усогласи со барањата од Договорот од Преспа“, истакнал Герапетритис.

Според него, Грција од своја страна го следи доследното спроведување на Договорот и потсети дека „денешното владино мнозинство како опозиција навремено ги укажа сивите точки на Договорот“.

„За мене она што е важно е дека треба ги почитуваме договорените работи, не затоа што се согласуваме со договореното, туку затоа што е договор за континуитетот и стабилноста и во секој случај не можеме да создаваме еднострана рамка врз која ќе се градат политички кариери“, вели Герапетритис

Министерот уште еднаш категорично ги демантираше натписите во грчките медиуми дека учествувал во составувањето на Договорот од Преспа, истакнувајќи дека не знаел ниту еден ред од текстот пред јавно да се објави.