Цени до небо, понуда мизерна – Грција летово „изгор“ скапа

И годинава, како по традиција, Грција стандардно е најактуелна дестинација за одмор на македонските граѓани, иако последните години има и други опции како преубавиот Кипар кој за мала разлика во цена може да понуди убаво и поразлично искуство. Доколку се одлучите за аранжман во сопствена режија, цените во Грција за храна, пијалоци, лежалки, како и за сместување и годинава се движат во нагорна линија.



Цените на сместувањето во Грција варираат во зависност од туристичката дестинација, близината до морето, видот на сместување, сезоната и други фактори.

Цената на хотелското сместување во Грција зависи од бројот на ѕвезди, сезоната, локацијата и понудата. Генерално, хотелското сместување во Грција може да чини помеѓу 30 и 200 евра за ноќ, во зависност од категоријата на хотелот.

Студио без поглед на море може да се најде за околу 30-50 евра од ноќевање во предсезона и постсезона, додека во сезона цената може да биде околу 60-100 евра од ноќ. Студио со поглед на море може да чини околу 50-80 евра од ноќ во предсезона и после сезона, додека во сезона цената може да биде околу 100-150 евра за ноќ.

Цените може да бидат значително повисоки на островите и на попопуларните туристички дестинации како што се Санторини или Миконос, каде цените на студиото со поглед на море можат да достигнат и до 200-300 евра за ноќ во екот на сезоната.

Цената на еднособен стан во Грција може да се движи од 30 до 100 евра за ноќ, додека цената на двособен од 60 до 150 евра за ноќевање. Луксузните апартмани со поглед на море и приватен базен се значително поскапи и чинат над 300 евра од ноќ.

Српски граѓанин во фејсбук-групата „Грчка инфо“ очигледно е разочаран од новите цени, конкретно од оние на островот Тасос.

Го направиле како Монако“, коментира тој.

Тој вели дека во 2022 година на овој популарен грчки остров платил 700 евра за осум ноќевања со појадок, додека сега за истото сместување му бараат неверојатни 2.200 евра, пренесува „Биз портал“.

Разликата е повеќе од двојно зголемена, а кога на тоа ќе се додадат и зголемените цени на обичните секојдневни задоволства како гиро, лименка сок и кафе на плажа, тоа значи дека првично планираниот буџет за оние кои летуваат на егејското крајбрежје сега воопшто не е доволен.

Според многубројните коментари во истата група, се чини дека слична е ситуацијата и во остатокот од Грција.

Обие шти издаваат апартмани претераа. Какви шупи има во понудата, како да треба да се смести добиток, а не луѓе. А, цените до плафон. Наместиле два кревета како за во болница, нудат заедничко веце.. Катастрофа!“, коментира незадоволен граѓанин.

Со проверка на најпознатиот сајт за резервации за сместување, се уверивме дека во средината на јули на Тасос нема ноќевање за две лица со дете над десет години, по цена под 80 евра.

Хотелите обично се поскапи, но и просечните грчки апартмани сега се многу поскапи, па за една типична вила (до душа со скромен базен) во комплексот потребно е да се издвојат од 150 до 200 евра за едно ноќевање.

Грчката влада одлучи од први јануари да се плаќа и нова еколошка такса, наместо онаа за престој од 2018 година која треба да се подмири на лице место и која дополнително ќе го оптовари буџетот на туристите.