Коалицијата „Вреди“ му реплицира на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој обвини дека одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на седум избирачки места е резултат на изборен инженеринг за да му се наштети на Европскиот фронт.
„Со жалење можеме да кажеме дека со секое ново појавување на Али Ахмети неговата состојба станува посериозна. Тоа се должи или на манипулации на Артан и Бујар, или Ахмети изгубил контрола, бидејќи ги разоткрива своите незаконски дела“, се вели во соопштението на коалицијата од четири досега опозициски партии на Албанците од Македонија.
„Не држат изјавите на Ахмети со кои се обидува Мултиетничкиот фронт да го претстави како претставник на Албанците, бидејќи самиот овој фронт се изјасни дека е мултиетничка коалиција со граѓански концепт, додека ‘Вреди’ е единствената албанска опција кај нас. На сите им е јасно дека Али Ахмети ја загубил контролата откако сфатил дека ја загубил власта. Но, го повикуваме, доколку сака европска перспектива за земјата, да остане смирен, да ги води партнерите од Фронтот во конструктивна мултиетничка опозиција. Да ги поддржиме прашањата што се во интерес на Албанците, како што тоа досега го правеа партиите од ‘Вреди’ како опозиција. Да дозволиме правдата да дејствува. Кога правдата ги следи законите, тогаш евроинтегративниот пат на државата е загарантиран“, се додава во реакцијата на коалицијата составена од Беса, Алтернатива, Демократско движење и делот од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.






