Професорот по меѓународно право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Тони Дескоски, смета дека Преспанскиот договор е катастрофален за Македонија и за македонскиот идентитет, но таа, како послаба држава од Грција, морала да го почитува, во спротивно ќе била принудена!
„ЗА НАС, ПОЛОШО ОД ‘ПРЕСПА’ Е САМО ПРЕКРШУВАЊЕТО НА ИСТАТА!
Преспанскиот договор е ужасно лош по нашата земја и национален идентитет. Ќе има долгорочни негативни внатрешни последици, од кои најтешко е расцепувањето на македонското ткиво.
Но, за нас има и полошо сценарио. А тоа е нашата земја да влезе во систематско и континуирано прекршување на Преспанскиот договор. Таквото поведение ќе создаде впечаток за крајна неодговорност на нашата страна, а на Грција ќе ѝ даде простор да глуми жртва и да презема остри мерки кон нас, како одбрана од нашата ‘агресија’. Ќе добиеме стигма на земја која не го почитува договореното, но сака да ги користи придобивките од Договорот.
Дополнително, Бугарија конечно ќе има емпириски доказ дека е во право и дека нашето прекршување на Билатералната спогодба за добрососедство била причина за бугарското вето за ЕУ.
Послабите држави мораат да се придржуваат кон преземените обврски кон посилните од себе, бидејќи во спротивно ќе бидат изложени на моќта на посилните и на нивната принуда. Ризикуваме да се нафрлат врз нас, за да нè принудат да се држиме до преземените обврски, но и за да дадат пример за сите останати кои се колебаат во придржувањето кон договореното.
За разлика од 2008 година, денес ниту моќта, ниту фактите, ниту, пак, меѓународното право не се на наша страна!!!
п.с. Едностраниот раскин на ‘Преспа’ од наша страна ќе биде третиран од сојузниците идентично како и прекршување на ‘Преспа’!“, коментира на Фејсбук застапникот на Република Македонија пред Меѓународениот суд во Хаг во спорот против Грција за нарушување на Привремената спогодба.






