Професорот по политички науки, Владимир Божиновски, смета дека досегашната употреба на придавката „северна“ била прекумерна.
„Ние до сега имавме еден сериозен проблем, што досегашната власт го употребуваше терминот ‘северна’ и таму каде што треба, и таму каде што не треба“, вели Божиновски.
„Треба точно да се види каде треба да се употребува и кога треба да се употребува придавката.
И самата (претседателка) Силјановска кажа дека ќе го почитува новото уставно име, декларацијата ја потпиша со ‘Северна Македонија’ и навистина треба да се види каде функционерите можат, односно мораат и каде не мораат да ја употребуваат таа придавка“, вели Божиновски, пренесува Гласот на Америка.
За реакциите од челниците во Европската унија, на постапката на претседателката Гордана Силјановска Давкова која при положувањето на заклетвата рече „Македонија“, испуштјки ја додавката „северна“, Божиновски, не смета дека реакциите од ЕУ ќе имаат далекусежни последици.
Тој вели дека за тоа придонело соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова во кое беше посочено дека придавката „северна“ ќе стои во официјалните документи.
„Пораката беше дека Македонија треба да обезбеди континуитет во почитување на договорите што се потпишани од некоја друга власт. Мислам дека тоа беше идејата.
И, откако доби уверување дека тоа ќе биде така, самата ЕУ нема да има некаква дополнителна замерка“, вели Божиновски.
Божиновски потсетува дека сè уште не се потпишани оние три меморандуми што треба да ги изгласа грчкиот парламент.
„Сè уште дури ниту таблите не се променети. Едноставно треба да се договорат за взаемно прифаќање на тоа што треба да биде исполнето и до каде треба да биде исполнето“, вели Божиновски, додавајќи дека не е во интерес на ниту една од земјите за повторно создавање спор.





