Бугарскиот претседател Румен Радев не престанува да ѝ дели лекции на Македонија, последната сугестија испраќајќи ја од Бургас.
„Северна Македонија не смее да заборави дека е земја-кандидат и не може да им наметнува услови на земјите-членки, не може да ги ревидира меѓународните договори, бидејќи тоа ја означува земјата што не го почитува меѓународното право“, порача тој, додавајќи по милионити пат дека „патот зна Македонија кон Брисел минува низ Софија“, плус: „Се надевам дека политичарите во Северна Македонија разбраа дека изборната кампања е завршена и ако нивното деструктивно зборување и однесување се претвори во вистински дејствија, тоа значи туркање на нивната земја кон изолација и оддалечување од Европската унија, што е на штета на самите граѓани и на државата Северна Македонија“.
На прашањето дали мисли дека тонот со Северна Македонија треба да остане таков каков што е во моментов, или напротив – да се зацврсти, Радев рече: „Очекувам да разберат дека и Бугарија, и Грција им кажуваат оти меѓународните договори треба да се почитуваат. Тоа им го кажа и Европската унија. Многу е јасно дека преговарачката рамка мора да се исполнува. Тоа значи и исполнување на билатералните протоколи, кадешто се регулира отфрлањето на говорот на омраза, промената на учебниците, рехабилитацијата на жртвите, почитувањето на културно-историското наследство на Бугарија во таа земја“.
Радев посочи дека очекува секој политичар кој ќе ја претставува Бугарија во Европскиот совет отсега да продолжи да го брани нејзиниот национален интерес, да продолжи да ги брани копенхашките критериуми за членство и правата на македонските Бугари.
„Исто како што јас опстојував додека ја претставував Бугарија во Европскиот совет за време на преодните влади. Имаше два Совета и, внимавајте, на првиот Совет бев сам против сите земји-членки, бидејќи притисокот беше огромен – веднаш да ја отвориме вратата за преговори за членство на Република Северна Македонија. Тоа не се случи. Има огромна разлика до вториот Совет за проширување, кога веќе успеавме да ги убедиме сите европски лидери и европски институции дека прашањето не е билатерално меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Прашањето е европско – да се усогласат со копенхашките критериуми за човекови права и недискриминација. И тоа го разбраа сите и доведе до услов да се промени Уставот, со вклучување на македонските Бугари во него – да се заштитат нивните права, да има јасни барања за заштита на нашиот национален интерес со протоколите, а потоа соодветно да се отвори вратата за преговори. И Бугарија успеа, но ова е сега работа меѓу Европската унија и државата-кандидат“, заклучи Радев.






