Мицкоски ќе ја нарекува Македонија како сака, грчките медиуми го декларираа како жесток националист

Го декларираат како „националист“ со „жесток говор“ – грчките медиуми се налутија откако Мицкоски рече дека ќе ја нарекува Македонија како што сака бидејќи тоа е негово човеково право и ги упати до Меѓународниот суд за правда ако Грците сметаат дека го прекршил Договорот.



„Идниот премиер на Северна Македонија ја следи линијата на претседателката во однос на Договорот од Преспа. Првиот човек на ВМРО со жесток националистички говор, ќе ги користел термините „Македонија“ и придавката „македонски“ – пишуваат грчките медиуми.

„Во согласност со новиот претседател на државата, Гордана Силијановска, и првиот човек на ВМРО и следен премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, се однесува исто кон Договорот од Преспа. Со жесток националистички говор, Христијан Мицкоски – по повод враќањето на ВМРО на власт – изнесе слични предизвикувачки ставови како оние на претседателката на државата, тврдејќи меѓу другото дека го почитува Уставот на земјата, но неговото основно човеково право е да ја нарекува државата како што сака“, пишуваат грчките медиуми.

Мицкоски во денешната изјава посочи дека не се прекршувал Догворот од Нивици со користењето на старото име на државата.

„Ги користам термините „Македонија“ и придавката „македонски“ затоа што, според нашето толкување на Договорот од Преспа, нема никакво прекршување. Ако мислат (вклучително и во Грција) дека сме го прекршиле Договорот од Преспа, таму е Меѓународниот суд на правдата, можат да почнат процес, па таму ќе ги изнесеме двата аргументи. Не би сакал тоа да се случи. Барам добрососедски и пријателски односи“, рече Мицкоски.