Министерот за здравство Илир Демири за тврдењата во јавноста дека 18-те лица од Токсикологија не исполнуваат критериуми, на новинарите им одговори дека тоа прашање требало да го постават во 2023 година. Тој најави дека сите 18 медицински работници кои досега работеле со договор за дело ќе добијат приоритет при вработувањето, а конкурсот ќе биде објавен наскоро.
– Тие луѓе работеле 12 месеци на Клиника за токсикологија и имаат договор 12 месеци. После биле дел од здравствените услуги до еден месец пред изборите кога почнаа овие превирања. Да беше целта позитивна, зошто ги оставиле да работат 12 месеци, па зошто ги ставиле на смени првите три месеци од годинава? Тоа требало да го поставите 2023 година. Јас коментирам дека ако некој има договор и е дел од здравствениот систем една година, кој сум јас да го прекратам договорот на тој? Ние имаме 1.390 здравствени работници кои работат по договор на дело, што би се случило кога би се прекинале таквите договори? Јас бев и менаџер на тетовската болница, сте слушнале дека сум прекратил некаков договор?, одговори министерот на новинарско прашање.
За разрешувањето на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија во Скопје, Данил Петровски, Демири рече дека доколку го суспендирал директорот пред изборите, „Сите ќе го сфателе тоа како политичка кампања“.
– Зошто не е порано суспендиран директорот, јас кажав дека станав министер во техничка влада, бев многу свесен каква позиција земам, земав со единствена причина да има континуитет здравствениот систем оти луѓево имаат право да се разболуваат пред избори, за време на избори и по избори. Доколку ја направев оваа постапка да се суспендира директорот пред изборите, сите ќе го сфатевте тоа како политичка кампања. Значи, не се работи за политичка кампања – изборите се завршени. Се работи за грешки, професионални и за професионализам што е обврска како министер за здравство да има ова правда и да има квалитетна здравствена услуга, одговори министерот.






