Анализа: „Бехтел и Енка“ чукаат на погрешна врата – работниците да ги бараат од Владата

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ чукна на погрешна врата за да обезбеди работници. Треба нив да ги бараат од Владата која им ја даде работата. Комората не може да им понуди работници, туку само квалитетни компании кои под еднакви услови со конзорциумот можат да ја завршат работата на автопатиштата, велат бизнисмени од градежниот сектор и од синдикатите, пренесува Плусинфо.мк
Претседателот на Здружението за градежништво во Комората, Андрија Серафимовски вели дека комората во овој случај не може да обезбеди работници, туку да понуди фирми кои имаат референци за работа на автопатишта.



– Изградбата на автопат е комплексна и неа можат да ја работат само стручни лица и компании кои имаат референци и гаранција дека можат да работат на вакви проекти. Во овој случај, како комора и здружение, ние можеме да им понудиме компании кои со своите вработени и со искуството знаат и можат да работат на изградбата на автопатиштата. Тоа и го понудила Комората. Но, ние како градежни компании бараме да работиме под исти услови како и конзорциумот – вели Серафимовски.

За него е нејасно зошто се бараат 4.000 работници за периодот во кој ќе се работи на проектот.

– Бројката е висока и за поголеми проекти. На автопатот Кичево – Охрид на пример се работи со 800 – 900 работници. 4.000 работници кои знаат да работат автопат е голема бројка и тешко е да ги обезбедат и поголеми земји од нашата – вели тој.

Бизнисмените и синдикатите велат дека слободен градежен кадар во земјава нема, посебно технички и инженерски бидејќи сите што сакаат да работат во градежништвото се вработени, а компаниите имаат отворени огласи за вработување кои тешко ги пополнуваат.

Никола Велковски од Здружението за градежништво при Комората вели дека не е паметно од ресурсите на градежните компании да се префрлаат работници во конзорциумот за да се пополнат неговите потреби, бидејќи и нашите градежни компании не успеваат да најдат соодветен кадар за нивните потреби.

– И ние се бориме да обезбедиме работници, посебно висококвалификуван кадар. Таков кадар и инженери во земјава нема. Еве јас за мојата фирма барам 2 години висококвалификувани работници, но нема. Што се однесува до општите работници и ние ги обезбедуваме со тешкотии, па затоа ги упатувам „Бехтел и Енка“ да се обратат во Агенцијата за вработување и од ресурсите на невработени да најдат потребен кадар. Ние како компании не можеме да им помогнеме во тоа, туку само владата која треба да одлучи делот од невработените кои не се јавуваат на конкурсите во градежниот сектор да ги понуди да работат или да ги избрише од евиденцијата. Така ќе му помогне и на градежниот сектор во земјава кои има потреба од работници – вели Велковски.
Тој додава дека голем проблем за обезбедување инженерски кадар е и тоа што секоја година има сѐ помалку запишани на Градежниот факултет, а оние кои завршуваат не се вработуваат во градежништвото.

Од Синдикатот за градежништво велат дека и со помош на стопанската комора „Бехтел и Енка“ нема да можат да најдат 4.000 работници бидејќи во земјава веќе нема градежни работници, а уште помалку градежни техничари и инженери за изградба на автопат.

Целата анализа на :https://plusinfo.mk/zoshto-behtel-i-enka-bara-duri-4-000-rabotnici-vishok-kadar-nema-vo-zem-ava-no-ima-kompanii-koi-mozhat-da-gradat-avtopat-kvalitetno/