Граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Македонија, Црна Гора и Србија даваат широка поддршка за приклучувањето кон Европската Унија (ЕУ), покажа последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија.
Во Србија, повеќе од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ, покажа анкетатат спроведена во периодот меѓу 2 февруари и 5 март годинава.
„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ. Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската Унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет“, оцени Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.
Кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања.
Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан.
Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми.






