Како од надвор, така и на домашната сцена многу реакции поради тоа што во заклетвата новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова кажа „Република Македонија“, а не Република Северна Македонија како што е уставното име на државата. Ги налути соседите, но и ги подели домашните политичари, аналитичари и правници. Едните со став дека донела храбра одлука, Уставот не е прекршен, додека другите со размислување за можни негативни влијанија.
„Силјановска-Давкова го погази Уставот и уште при првиот збор создаде криза“, велат од ДУИ. Пратеникот Арбер Адеми изрази жалење поради тоа што во заклетвата новата претседателка не го истакнала уставното име на државата. Додава дека во нејзиниот говор немало ништо суштинско – не се осврнала на НАТО, ниту обврските и предизвиците кои ни престојат како земја-членка, а не спомнала за евроинтегративниот процес на државата. Адеми вели во говорот немаше ниту збор за меѓуетничките односи.
Се огласи и министерот за правда, Кренар Лога кој порача дека непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата. тврди дека е потребно повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на Собранието), како вршител на должноста.
Дали од правен аспект Силјановска Давкова постапи правилно со тоа што ја изостави „Северна“?
Адвокатот и поранешен судија, Владимир Туфегџиќ смета дека претседателката потпиша изјава со уставното име на државата и тоа е сосема доволно бидејќи е акт што обврзува. Во разговор за „Локално“ истакнува дека факт е дека Изборниот законик во смисла на името на државата нема измени во духот на уставните измени и не е усогласен, иако е повеќе пати менуван во време кога уставната реалност не обврзува со новото име.
-Од сето ова не треба да се создава дополнителен проблем, а особено тоа не треба да го прават тие кои до сега со пасивниот однос дозволија другата страна фактички да не исполни ниту една клучна одредба од склучениот договор и во таа смисла повеќе закони сеуште не го поминаа филтерот во грчкиот Парламент, дециден е Туфегџиќ.
Според него, ваквите реакции се непотребни бидејќи со тоа самите го банализираме Договорот, не гледајќи ја неговата целовитост и суштина која значи обврски и на другата страна.
-Конечно, целата изборна кампања помина во знакот на Македонија како основен мотив кон електоратот и немаше никаква реакција од другата страна ниту од претставниците на ЕУ и така треба и да остане, истакнува правникот.
Линк до целиот текст:





