Мароко, Шпанија и Португалија заеднички ќе бидат домаќини на Светското првенство во 2030 година, а таа година е ставена како реален рок за изградба на тунел што ќе ги поврзува Европа и Африка.



Идејата за изградба на тунел меѓу Шпанија и Мароко првпат се појавила во 1979 година, а деновиве повторно е оживеана и интензивно се дискутира во двете соседни земји, кои ги дели морето и Гибралтарскиот теснец.

Новиот тунел би ја отворил можноста за директна железничка врска од Мадрид до Казабланка (во Мароко), целото патување би траело околу пет и пол часа.

Би поминувал под Гибралтар и би водел до Тангер, а оттаму до другите марокански градови.

Засега не се знае многу за деталите од самиот план и новиот тунел. Доколку се оствари планот, тунелот ќе биде долг 27,5 километри.

Трошоците се уште не се познати, но се знае дека се работи за проект вреден повеќе од милијарда евра.

Досега Шпанците само за истражување потрошиле 2,3 милиони евра.

Се проценува дека изградбата би траела околу пет години – доволно за тунелот да биде готов до фудбалското првенство. Доколку се оствари планот, убедени се иницијаторите, тоа ќе биде стратешки проект за Шпанија, Мароко, но и цела Европа и Африка.