Од денеска „кеш“ во Косово само во евра, во спротивно казнени мерки

Во Приштина најавија дека од денеска ќе се преземаат мерки против сите оние кои за готовински трансакции во Косово користат валути освен еврото, со оглед на тоа дека денеска истече преодниот рок што го одреди Централна банка во Приштина за почеток на примената на уредбата за забрана на користење на динарот на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопшти Централната банка на Косово (ЦБК), по 12 мај, сите готовински трансакции каде било во покраината мора да се вршат во евра.
-Валутите различни од еврото може да се користат како вредност за складирање во физичка форма или на банкарски сметки во валути што не се во евра, за извршување на меѓународни плаќања во валути што не се евра и за девизни активности, се наведува во уредбата на ЦБК.
Во преодниот период не беа изречени казнени мерки, туку граѓаните беа информирани за примената на регулативата за готовинско плаќање. Комерцијалните банки кои работат во Република Косово добија инструкции да отворат нови филијали на северот.
Следната недела во Брисел ќе се одржи седмата по ред рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, на која, како што најави директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, главна тема повторно ќе биде „едностраната и незаконска одлука на Приштина да ги укине динарите и платежниот оптек на динари на Косово“.