Според извори од медиумите во Атина, грчката полиција презеде многу строги безбедносни мерки за денешната посета на албанскиот премиер Еди Рама на Атина.
Стотици полицајци ќе бидат на располагање за да обезбедат непречено поминување на Рама до местото каде што ќе се одржи говорот на собирот со Албанци кои живеат во Грција и да го заштитат до моментот на заминување.
Се најавува и дека Рама ќе биде придружуван од приближно 150 луѓе. Во оваа придружба ќе бидат членови на неговиот кабинет, заменици и 50 новинари, јавува Еуроњуз.Албанија.
Рама претпладнево ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера коментираше дека посетата „и не во баш најсоодветен момент“, јави дописничката на МИА од Атина.
Собирот ќе се одржи во затворена спортска сала во атинска населба, а според грчките медиуми за безбедноста на Рама за време на престојот во Атина, што се води како приватна посета, ангажирани се над 1.000 полицајци и планирани се драконски безбедносни мерки што вклучуваат и хеликоптери и дронови.
За посетата на Атина, самиот Рама минатата седмица на платформата Х рече дека не е поврзана со внатрешните работи на Грција или евроизборите, а во петокот на Фејсбук објави фотографија со детали за настанот и ги повика Албанците кои се во Атина и околината да присуствуваат на собирот.
Премиерот Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија Алфа вчера во однос на посетата на албанскиот премиер рече дека „Грција е демократска земја, која уставно го гарантира правото на одржување собири и очигледно никој никогаш не би му забранил на странски лидер да дојде, да оствари приватна посета за да им се обрати на неговите сонародници“.
„Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува.
Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време.
Но, како и да е, да не му придаваме и поголема важност“, рече Мицотакис.
По средбите, Рама ќе пие кафе со колегите во Галаци, додека попладне во 6.00-7.00 часот ќе оди на аеродром за да ја напушти Атина.
Во објава на Фејсбук Рама кажа дека тоа е „важен момент на гордост за сите Албанци во Грција“.





