Шефот на бугарскиот дел од Историската комисија „сериозно загрижен“ дека Македонија тргнува во погрешен правец по изборите

Ангел Димитров, шеф од бугарска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, во интервју за Бугарското национално радио (БНР) оцени дека Македонија по двојните избори се упатува во погрешна насока, и покрај сигналите на „добронамерните луѓе“ од Бугарија и од Европската унија.



„Најбаналната метафора е дека е на крстопат – политички. Крстопатот не е толку страшна работа, бидејќи оттаму се гледа добро во различни правци. Но, кога ќе свртиш во погрешна насока и не само што ќе свртиш таму, туку и покрај тоа што добронамерните луѓе ти даваат доволно сигнали – не само Бугарија, туку и сигналите што доаѓаат од ЕУ – дека тоа не е насоката – така што има нешто што создава доста сериозна загриженост, и тоа не само поради нашите билатерални односи. Создава загриженост дека денешна Република Северна Македонија се чини оти се обидува да се закачи кон оската Белград – од таму еднаш кон Москва, еднаш, кога станува збор само за Европа, кон Унгарија и Орбан. Не треба да заборавиме дека, освен големото српско влијание, кое веќе со децении не исчезнува, Унгарија има силни економски врски и присуство во Северна Македонија, па дури и ја поседува телевизијата на сега владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Таму има интересна врска која веќе создава посериозна причина за загриженост за регионалната безбедност“, објасни тој во интервјуто за програмата „Сабота“ 150“.

Според него, поразот на СДСМ е катастрофален и се должи делумно на неубедливиот Ковачевски што го замени Заев на местото лидер на партијата, како и на незадоволството кај народот.