Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, неделава 213. на ВТА-листата во сингл, вторпат во својата кариера ќе биде дел од квалификациите за гренслемот Ролан Гарос, кои ќе почнат на 20 мај.
Во претходниот обид во 2017 година на најсилниот турнир на земјена подлога 29-годишната тетовка беше запрена на стартот од квалификациите од Французинката Кирин Лемоан со 3-6, 6-3, 6-3.
За Ѓорческа ова ќе бидат втори квалификации за гренслем сезонава по тие на Австралија опен во јануари, кадешто во првото коло загуби so 7-5, 4-6, 6-3 од Катаржина Кава од Полска.
Токму во Мелбурн првиот женски рекет на Македонија во 2017 година беше најблиску да стане прва Македонка што заиграла во главната конкуренција на гренслем турнир, но во третото и последно коло од квалификациите беше поразена повторно во три сета од Швајцарката Стефани Фогеле со 4-6, 6-3, 6-2.
Досега Ѓорческа има осум учества во квалификации за гренслем, најмногу на Отвореното првенство на САД.






